МИТОТО И БЕЛИТЕ МАНТИЛИ

Пред повеќе години од еден странски студент (од Судан, со кого и ден-денес нî врзува искрено пријателство, што главно го негуваме со помош на електронска пошта) за прв пат во животот ја чув синтагмата “мито во бели мантили”. Вака и вака, ми вели Мохамед Али, на Медицинскиот факултет цути еден нов бизнис: сакаш подобар третман, поголема стручност во тој третман (да те лекува, да те оперира професорот лично!) - ќе си платиш. Не можев да верувам, иако Али беше човек комушто мора да му се верува. И, притоа, ми спомна и три (познати!) имиња.
Утредента или некој ден подоцна, сега веќе не се сеќавам, отидов на дентална протетика кај еден стар (сега веќе покоен) пријател и “samideano” (истомисленик, како што меѓусебе си се нарекуваме ние есперантистите) и му ја раскажав приказната на Мохамед Али, без да го именувам, се разбира. Ме вџаси фактот што мојот пријател не протестираше како мене. “Назад сме, вели. Љубљана и Загреб се далеку пред нас, но - учиме!” И тој ми наброи две-три имиња. За тоа колку работите се знаат зборуваше и фактот: првото име што ми го кажа мојот пријател стоматологот, беше исто со првото име што ми ко кажа мојот судански пријател. Во правото ова, се разбира, не е готов доказ, но би можело да се прифати како индиција за точноста на приказната. Најтажното во целава оваа сторија е тоа што, главно, сî почнува и завршува како приказна, како глас, како фама дека тој и тој го прави тоа и тоа.
Понекогаш, за чудо, по некој од актерите во ваквите приказни како да не може да му се спротистави на искушението самиот, лично, да ти раскаже некоја не особено убава (своја!) приказна. Така, еден, сега веќе исто така покоен, хирург (Бог да го прости, а ќе има многу работи да му проштева), без око да му трепне, ни раскажа приказна за тоа како некој сиромав му дошол (по неговата хируршка интервенција врз некој член од семејството) и, како знак на благодарност, му донел едно шише вињак. Докторот бил вџасен од “дрскоста” на човекот. Го отворил шишето и, пред очите на сиромајот, го истурил во лавабото, а на крајот му дал и совет како да не греши друг пат: “На доктор не се носи вињак, се носи виски!” Го гледав, го слушав докторов и не ми се веруваше дека можел така да постапи. А не можев да не верувам: никој не го тераше тоа да ми го раскажува. Зошто? Веројатно затоа што сакаше да ми посведочи за тоа колку е “голем”. За мртвите сî добро, но мене уште ми ѕунат во ушите неговите зборови: “Голем су!”
Подоцна истиов човек, пак без око да му трепне, ќе раскажува и други нешта од овој вид: на пример, дека на своите пациенти не им ги вади одеднаш сите конци. Ќе извади нешто, а сетне ќе им закаже уште еден термин. На секое доаѓање мора нешто да се плати за трудот на “големиот” (!?).
Според природата на нештата, јас лично немам лоши искуства со докторите. Со мене сите се толку љубезни, толку фини. Немам доволно убави зборови да ги испофалам. Го молам Господа така да постапуваат со сите пациенти. За жал, малу е веројатно дека сите и секогаш така и навистина прават. Па дури и за тоа можам само да нагаѓам. Еднаш, да речеме, ме замолија да замолам еден важен професор по медицина да прими еден пациент (роднина на моето најверно другарче меѓу жените!). Му се јавив. Човекот речиси се налути што на светот има толку неусет луѓе кои мене ме “интерполираат” (го употреби токму тој грд збор) во такви прозаични работи. “Едноставно, нека ме побараат и ќе видиме што може да се стори!”, беше неговиот пријателски совет.Така и í пренесов на мојата пријателка. Таа кисело се насмевна и сфати: човекот не сака посредници, што ќе рече упатени во прозаичната страна на бизнисот.
Можеби би можел да се сетам и на некои други згоди и незгоди врзани за ваков вид лекарска практика. На некои, што до мене допреа исто така по кажување, и се сеќавам, но едноставно не сакам да ги раскажувам понатаму, зашто ми се чинат неверојатни, нечовечни, неморални. Сето тоа е едно, се разбира, а сосема друго е да собереш докази какви што бара законот и да го изведеш човекот пред лицето на правдата. А и - за кое кривично дело?
Знаев ( и знам) дека професорите по медицина не се подобро платени од нас на Правниот факултет, а дека мора да се живее, да се патува по конгреси, да се прави име во земјата и на страна, па не гледав (и не гледам) голем морален проблем, ако воопшто има некаков морален проблем тоа што за неговата посебна грижа и нега мора посебно да се плати. Воспоставувањето принцип на еднаквост во однос на плаќањето меѓу доктор-приправник и доктор што е голем стручњак во својата гранка (врвен кардиолог, неврохирург, да речеме) ми се чинеше (и ми се чини) исто толку неприфатливо колку и некој да се обиде сликите на Пикасо и на еден анонимус од Долно Дупени да ги изедначи по вредност и да ги проценува (“објективно”) според квадратен сантиметар насликана површина и количество на употребената боја. Нема да се најде човек што не ќе се побуни против овој естетски дилетантизам. А така е некако и со врвните медицинари. Сакате да бидете сигурни дека ќе го имате “најдоброто од Македонија”, мора да бидете подготвени тоа и да го платите. Тој пазарен принцип изгледа непоколебливо цврст.
Од друга страна, како професор по кривично право, тешко можам да најдам казнена одговорност за профеосрот по медицина што, евентуално, го наплатува својот посебен професионален ангажман. Впрочем, сî што го правиме ние, професорите по право, надвор од нашата наставна работа, а сврзано за нашата професионална определба, тоа и го наплатуваме. Дали пишуваме стручни книги, дали објавуваме стручни статии, дали нî ангажираат како стручњаци за приватизација, како изготвувачи на некои посебни закони (за амнестија, за денационализација, за ддв итн. итн.), како консултанти во определени случаи, како членови на арбитражни комосии. И кај мене лично доаѓа многу народ. Не ретко туку-така: просто за правен совет и тоа, за жал, најчесто не од областа на казненото право: кого што го боли, оди да се поплаче кај Марјановиќ. Најчесто и не можам кој знае како да помогнам. За чудо, луѓето се благодарни и кога само ќе ги исслушате. Инаку, јас тоа не го наплатувам и немам намера тоа да го правам. Веројатно, би го гледал малу напорки оној колега за кого, евентуално, би дознал дека својата помош ја наплатува. Тоа е едно, но друго е прашањето, дали тоа правно може да се гледа како недозволена дејност. Со своето слободно време (и со своите способности) секој може да прави што сака. Гледајте колку што сакате во Кривичниот законик и ќе видите:ДОТУКА, нема да најдете дело што зборува за поткуп на лекарот. Не дека белите мантили се морално толку чисти колку што се убаво испрани и испеглани. Но, кривичните закони на нашата земја, како и на која и да е друга, впрочем, не казнуваат за неморал, туку за криминал. Сите кривични дела на поткуп се врзани за “службени лица”, за “одговорни лица”. Не сите лекари, не сите професори се “службени” или “одговорни” лица. Затоа и одговорноста за ваквите трговски зделки во медицината (што, според општото уверување ужасно се намножиле) ќе мора да се решаваат на друг начин. Со судот на честа на лекарската комора.

Ѓорѓи Марјановиќ

АНТРФИЛЕ: Текстов беше напишан за скопски ВЕСТ и објавен во скратена форма и со изменет наслов. Овие навидум “ситни” измени се, меѓутоа, необично вазни: насловот укажува на т.н. алхемија на моќта (како власта продуцира случаи за да го сврти вниманието од нешто што сака да се забошоти - аферата со скапата вила на Водно, на пример), додека испуштениот текст од крајот на кулумната им навестува на тие исти моќни луѓе што ги чека во една правна држава доколку не ја докажат тезата за “поткупот” - кривична постапка против нив за лажно пријавување. Тоа е причината што ја натера редакцијата текстот да го објавиме во интегрален вид.

No comments:

Post a Comment