ПРЕВРАТНИ ВРЕМИЊА

Пред првите парламентарни избори Лигата за демократија одржа, меѓу другото, предизборна трибина и во Ресен. Не кој знае колку успешна, впрочем. Во малото потпелистерско гратче, цврсто стиснато во прегратките на “комуњарите” (според терминологијата на нивните наследници), малу луѓе се осмелија да се појават на трибината на првата граѓанска партија во Македонија. Во првите два седеше партиската елита на Ресен. Практично не ни дозволија уста да отвориме без тие да не прекинат и да ни одржат сопствена антитрибина. Видов-невидов, во еден момент, со сиот дикат, морав да ги прашам да не заталкале тука.
- Ова е трибина на Лигата за демократија, а не на Сојузот на комунистите на Македонија. Зарем 45 години не ви беа доволни да ги убедите луѓето во вашата вистина? Бидете коректни и дозволете ни ние да се обидеме во тоа во што вие не успеавте за половина век време.
“Комуњарите” еден по еден си заминаа, а тие што останаа беа наши и с$ им беше јасно. И така - трибината стана речиси безпредметна, па ние надве-натри ја привршивме.
Ресенски кандидат на Лигата за демократија беше еден мој ученик, од когошто (со мошне многу отпори и со судни маки) успеав, за жал (признавам), да направам “доктор на науки”. Неговите живееја во Ресен и сакаа на некој начин да му се заблагодарат на добротворот на својот син и приредија вечера. За него, но ја поканија и неговата партиска придружба.
Вечерата беше прекрасна (особено за изнервирани, измалтретирани душички како нас). Домаќините не знаеја што с$ да изнесат пред гостите за да ја покажат својата благодарност и гостољубие. Јаката домашна ракија (со мезе) пред вечерата и убавото вино (со вечерата) успешно ни ја разбркаа лутината поради пропадната трибина.
Бевме некаде кај десертот, кога ни се приклучи братот на домаќинот: бербер по занимање, еден од оние умни народски луѓе што може да ги сретнете и таму каде што најмалу ги очекувате. Беше зборлест, друштвен човек, но никако не и површен забавувач. Не минаа ни пет минути откако ни се придружи, а тој веќе беше столб околу кој се вртеше разговорот.
И туку, во еден миг, итрецов, како кога даскал ќе изведе ученик на таблата за да го подложи на испитување (за оценка!), ми се сврте и ме праша: “Дали знаете, професоре, околу што се врти земјата?” Сите знаевме дека се работи за штос, а штосот мора да се купи, нели.
- Се разбира дека знам, реков, но знам исто толку добро дека мојот школски одговор нема да ве задоволи. Затоа, за да ја скратиме приказната, еве, признавам - не знам околу што се врти земјата!
- Околу својот интерес! А знаете зошто ве прашувам: имате ли претстава за кого може да биде интерес вашата Лига за демократија?
Се погледнавме “затечени”. Се работеше за чисто реторичко прашање. Мудриот бербер (што воопшто не беше на нашата трибина, ниту знаеше нешто за нашите програмски определби) од прво сфати колкави ни се изборните шанси.
И би по негово! Се покажа (и с$ уште се покажува) дека луѓето одат и им се приклучуваат на партии за кои сметаат дека можат да им ги решат егзистенцијалните прашања што ги “копкаат” повеќе од каква и да е идеологија. Затоа и може да се случи еден десеткратно (идеолошки и безбедносно) проверуван комунистички јавен обвинител денес да биде “вмровец по душа”, или филозоф што магистрирал кај таткото на соцреализмот во поранешна Југославија (Борис Зихерл) да биде идеен нестор на најцрните (ванчомихајловистички и тодоралександровистички) борци за болгарското национално единство. Притоа, интересот може да биде и најчесто е приземен, та поприземен - здравје.
Еден новинар, со прекар според една шпанска пцост, на пример, беше член на Лигата за демократија речиси од првиот ден на нејзиното постоење. Момчето беше неасално и немаше ништо заедничко со партијата: во полупијана состојба се тепаше по скопските паркови, а во трезна пишуваше кој знае колку принципиелни текстови за “сервилноста на политиката”, да речеме. Да го избркаме од партијата не можевме: тогаш немавме одредби за исклучување. А, од друга страна, и инаку не бевме кој знае колку бројни.
Понекогаш ми се чини дека момчево членуваше кај нас од чисто другарство спрема еден адвокат (чиешто име сакам, ако воопшто може, да остане тајна). Во “чистотата на другарството” не би можел да се заколнам. Во теоријата на интерес (на умниот бербер од Ресен), меѓутоа, секако би можел. Адвокатов, имено, што многумина го сметаат за користољубив, комарџија и што ли уште не, според моите критериуми беше (и с$ уште е) асолен домаќин со меко срце и широка рака. Меко спрема своите, меко и спрема другите. Тој, да речеме, на еден збор (не молба, туку барање) ќе му дадеше на новинарот стотина-двесете марки “на заем” (иако знаеше дека овој никогаш никому скршен денар не вратил). Да му купел не знам какви патики на синчето.
Сега, кога адвокатот не е веќе со Лигата, со неа не е ни новинарот. Пишува во едно бедно весниче, што практично никој не го чита (не ви кажувам кое, но можете сами да го препознаете по тоа што таму нема да ја спомнат Лигата за демократија, а да не плукнат врз неа?!). Ете, тоа е практичен пример за “теоријата на интерес”. Има и други примери, се разбира. Недоброј!
“Превратните времиња секогаш носат со себе и голема мера на импровизација, што ќе рече несолидност, растроена и испревртена скала на вредности со која оди духовен неред и бркотија, отворена целина за брз кариеризам во неминовна придружба на шарлатанство и хохштаплерај.”
Ако мислите дека овие зборови се напишани за да се прикаже нашево “превратничко време”, се мамите. Ги има напишано Борислав Михајловиќ-Михиз (во својата прекрасна “Автобиографија - за другите”), а го опишуваат времето на комунистичкиот преврат по Втората светска војна. Но, како и секое вистинско согледување на нештата, оваа оценка може да се примени на секое, па и на нашево “превратно време” на антикомунизам.
Зошто се сетив на Михиз во овој миг? Па да го објаснам недостигот на успех на Лигата за демократија од првиот ден на нејзината појава на македонската политичка сцена. За разлика од сите други партии, таа за сето време беше “со крстот на чело”. А таквите во овие превратни времиња немаат и не може да имаат успех. С$ додека на народот не му се смачи од шарлатани и хохштаплери. А нив, барем, Македонија ги има во изобилство.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment