КАКОЛ

Во сега веќе далечната 1991 година бев еден од оние што присуствуваа на народно-црковниот собир во Битола, што тогаш, а и сетне, го нарекуваа “Глас на вистината”. Што беше поводот за овој митинг сега не е ни важно. Она што денес ме потсети на тој собир е предавството (токму така!) на Македонската Православна Црква од страна на владиката Јован.
Во таа далечна 1991 година денешниот владика беше инг. Зоран Вранишковски, кој, меѓу другите, одржа пламенен говор во одбрана на вистината, на каноните на Македонската Православна Црква, а против мешањето на државата (преку фамозната Комисија за верски прашања на Тицко Беличанец) во работите на црквата.
Треперев од возбуда слушајќи го ѕвонливо убавиот, растреперен глас на младиот богобојазлив бранител на вистината и каноните на нашата древна црква. Знаев дека младиот инженер сега студира теологија и бев сигурен дека тоа е она што # треба на македонската црква: млади монаси, свежи, чисти, богобојажливи душички, што единствено позивот однатре да му служат на Бога ќе ги внесе во црквата. Отсекогаш сметав дека носечки столб на нашата црква треба да биде монаштвото. Свештенството (со сета должна почит кон него) сепак е поделено меѓу овој свет (со семејството на грбот, што мора да се храни, пои, облекува, школува) и Бога.
Тогаш помислив: “Ова момче е иднината на Македонската Православна Црква!” И тоа гласно го реков. Му го реков и на владиката Петар, им го реков и на родителите на младиот Вранишковски. Сетне, колку што можев го следев патот на ова момче по скалите на црквата: се радував кога дознав дека дипломирал теологија, се радував кога чув дека се замонашил, се радував и кога дознав дека го продлабочува своето теолошко знаење, не помалу се радував кога го избраа за владика. С$ зборуваше за тоа дека мојата верба во инг. Вранишковски како иднина на нашата црква е оправдана.
Само, народот има обичај да каже: “Дај му власт на човека за да видиш каков е!” Владиката е црковен кнез, самодржец. И власта во рацете на богобојазливиот бранител на вистината од Битола наскоро го покажа своето грдо лице. Мојот духовен љубимец е единствениот во оваа земја што доживеа да го избркаат од неговата првобитна епархија. Мораше да си ги собере пљачките и да премине во сегашната епархија (каде што исто така го именуваше Светиот синод на МПЦ!).
Еднаш имав прилика сосема кратко да поразговарам со него. Му реков само толку: Едно се каноните на црквата (и тие секако треба да се почитуваат), а друго чувствата на народот (за кои мора да се води сметка). Во ситуација кога Грција ни го оспорува и самото име, народот оправдано гледа со негодување на вашите проповеди на грчки јазик. Впрочем, вие сте пастир на тој народ и непожелно е да го дразните! Владиката ништо не ми одговори, но неговиот сега веќе самоуверен (кнежевски) поглед речовито зборуваше дека гледа од високо на мојот совет. Нејсе! Можеби и не го разбрав добро тој поглед и таа нема насмевка.
Сега читам и слушам и не можам да верувам ниту на очите ниту пак на ушите: младиот црковен кнез, избран за владика од Македонската (а не од Српската!) православна црква, ја прогласува својата родена црква за шизматичка, расколничка, без око да му трепне, без гласот да му затрепери. Тој владика што во далечната 1991 година како младо момче зборуваше: “Не е прв пат во историјата на Православната црква (...) христијани со свештенички чин толку да ја возљубат лагата и таткото на лагата, та да станат и негови поданици. Не е прв пат во православната градина да изникне какол, да се појават себељубиви пастири, кои Господ ги нарекува ‘волци во овчја кожа’.”
Боже, Боже, колку бргу се менуваат луѓето! Колку бргу забораваат што биле, што се и како станале тоа што се. Не е мое да се мешам во работите на Црквата, но, како верник (и Македонец) имам право за нив да размислувам и да зборувам. Не би имал ништо против ставовите на инг. Зоран Вранишковски, што денес ги изнесува како “владика Јован”, дури би го фалел на сиот глас како вистински христијанин и правдољубец, кога тој, тргнувајќи од она што го зборува, јавно би се откажал од своето владичко достоинство, не признавајќи го (зашто е добиено од една шизматичка црква) и би пошол во прегратките на саканата Српска црква. Нека отиде во најблискиот српски манастир на Косово и нека се обиде таму, по канонски пат, да го добие владичкото достоинство.
Вака, младиот владика многу ми личи на Леоне Глембај (од Крлежините “Господа Глембаеви”): на сиот глас зборува за тоа дека Глембаеви се убијци, мародери, разбојници, кривоклетници, но, нему лично воопшто не му пречи да живее на висока нога со парите на тие исти убијци, мародери, разбојници, кривоклетници. Нашиот богобојазлив велешко-повардарски владика го прави истото: плука ли плука врз МПЦ како врз шизматичка црква, плука и врз одделни нејзини митрополити, а притоа својот избор го смета за стопроцентно канонски (иако за него гласале и владиците што денес толку крвнички ги напаѓа само затоа што не го делат неговото предавништво на интересите на нашата црква). Е, тоа не бива дедо Јоване!
Кога еднаш му спомнав на г. Бранко Црвенковски дека 28 години сум давал 2% од личнот доход за Сојузот на комунистите на Македонија и дека денес (тогаш бев лидер на Лигата за демократија) по тој основ ми следуваат барем оние две-три простории што му ги беше дал на Столе Андов и на неговата ѓоа-Либерална партија, тој, без око да му трепне, ми одговори: “Професоре, јас немам ништо со старите комуњари!” Во тоа ќе му поверувам на Бране и на неговите кога свечено ќе застанат пред народот и ќе речат: “Сиот имот што го имаме ни е наследство од стариот лош СКМ. Ние со него немаме и не сакаме да имаме ништо и затоа # го подаруваме на македонската држава. А новиот ќе го печалиме на ист начин како и сите чесни новоформирани партии!” Се сомневам дека некогаш ќе го гледаме овој филм!
Тој филм нема да го видиме ни од “владиката Јован”! Овие наводници намерно ги ставам, раководен токму од неговите зборови: ако Македонската Православна Црква е расколничка, шизматичка црква, нејзините решенија не произведуваат никакво правно дејство, па ни решението инг. Зоран Вранишковски да биде македонски владика. Тој е ѓоа-владика, исто како што МПЦ е ѓоа црква! Признај го ова господине Вранишковски и јас јавно ќе речам: “Аферим Зоране, таков те запознав, таков те сакав и таков ќе те сакам!” Борец за вистината, борец за правдата - и на сопствена штета! Вака, длабоко се сомневам во тоа што го зборуваш!

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment