ПРИКАСКИ


Имам еден внук (по женина линија), што, пред многу време, откако остана сирак без обата родители, доби државна стипендија и појде во Пекинг да студира кинески јазик. И го научи. Го научи толку добро што, како лудо младо, играше дури и во еден кинески филм. Притоа, како што животот знае да ги реди работите, налета на својата животна сопатничка (Кинескиња), се ожени и доби син. Ние си го викаме Илија, а мајка му - И Ли Ја (што на кинески значи еден грст убави нешта).
Додека бевме во Југославија, младиов човек работеше првин преведувач за кинески јазик во Републичкиот Извршен Совет, а сетне, како одличен познавач на јазикот го прибраа во Сојузниот. По распадот на Југославија (со невестата и синчето) замина за Кина. Се фати за бизнис и изгледа добро му оди. Колку добро, не знаеме, зашто ретко се јавува. Но, на тоа сме веќе свикнати. И не верувам дека има намера да се враќа.
Еднаш, меѓутоа, кога дојде во Скопје на свадбата на мојот најстар син, внуков изрази желба да стори нешто за својата земја. По некоја случајност, како студент успешно играл тенис на дипломатските турнири во Пекинг, а мошне често и со некоЈ млад кинески студентски раководител, што во меѓувреме (верувале или не) беше станал премиер на Народна Република Кина. Веројатно ќе се согласите дека за Македонија не би било ситна работа да има свој човек што е “на ти” со премиерот на оваа гигантска земја. И дека би можел многу да помогне во развивањето на трговската (но и на секаква друга) соработка со оваа земја.
Дојдов на идеја да појдеме кај г. Глигоров, тогашниот Претседател на републиката, и да му ги понудиме услугите на нашиов човек. Тој води добар бизнис и нема потреба од каква и да е платена функција. Би претпочитал некаква номинална улога, да речеме, почесен трговски претставник или така нешто. Г. Глигоров срдечно нѐ прими, нѐ задржа во подолг пријателски разговор, но (од причини што не ми се разбирливи) ми се виде воздржан по однос на идејата за почесното трговско претставување на земјата и љубезно нѐ упати на Стопанската комора.
Отидовме и таму. Не оти верував дека нешто ќе може да се стори, туку просто затоа што така му ветивме на Претседателот. Како што претпоставував, таму веќе “свршиле работа”. За речената цел именувале, не почесен, туку платен претставник (човек што, патем речено, не знаел ни збор кинески). На здравје! Нашиот внук веднаш крена раце од замислата да ѝ помага на својата земја. (“Да ти даду на силу, не можу”, велат кумановци). Си замина, си продолжи со својот бизнис таму и веќе никогаш не изусти (ниту пак напиша) збор на таа тема.
Зошто ја раскажувам оваа толку македонска приказна? Просто затоа што е и премногу македонска. И премногу честа. И премногу тажна од гледна точка на она што би можело да биде македонски национален интерес.
Еве, деновиве читам во весниците, д-р Жан Митрев, препуштен на самиот себеси, без каква и да е поддршка од власта за она што сакаше да го прави, си ги пакува коферите и си заминува за Германија (ако веќе и не заминал, не знам). Таму нема недоразбирање околу тоа што е тој и што прави. И што другите му должат за она што го прави. Како ни во Англија, впрочем.
Пред повеќе години, еден нашинец просто го молеше Медицинскиот факултет во Скопје да му обезбеди катедра. Вирусологија ли му беше специјалноста, ѓавол ќе го знае. Децата му беа втасале за в гимназија. Жената сакаше да се вратат, а тој знаеше дека ако децата тргнат на училиште, тие и ќе завршат како граѓани на Обединетото Кралство. Од друга страна, таму му беа понудиле соодветна кадетра на Лондонскиот медицински факултет. И молеше просто човеков да го приберат веднаш, зашто немаше време за чекање.
Луѓево овдека љубезно го примаа, климаа со глави со разбирање, а зад грб, претпоставувам, се исчудуваа на наивноста на неговата приказна: Коце ќе ти го правеле професор на Медицинскиот факултет во Лондон?! Ајде море! Небаре немаат за тоа свои луѓе! И што се случи? Човекот, виде не виде, се врати во Лондон.
Поминаа години. И туку по светот фати да се шири чумата на XX век – сидата. Уште бевме Југославија, кога еден ден сосема случајно налетав на статија преку три страници во ИЛУСТРОВАНА ПОЛИТИКА, во која на долго и на широко се зборуваше за истиов овој нашинец, претставен како професор на Медицинскиот факултет во Лондон и шеф на постдипломските студии по вирусологија. Види мајката! Па она и не било приказна! Одвај може да верувам дека неговите колеги на Медицинскиот факултет во Скопје барем малу се посрамија од своето поведение спрема него. Само, к’сно е вече синко, рајбера е турен! Децата на Коце пораснаа, се исшколуваа, се фатија на работа, а неодамна и се испоженија во Англија. Македонски зборуваат со тежок “оксбриџ” акцент и – враќање веќе нема. Ни за нив ни за нивните родители. А Македонија, барем во еден сегмент од своето битисување, остана со празни раце. Го направивме човекот врвен вирусолог и таков, готов, ни го зеде Англија. Познавам еден друг, невропсихијатар, што ни го “украде” Универзитетот Колумбија во Њу Јорк. Тој еден ден, со Божја помош, можеби ќе се добере и до Нобелова награда за медицина. Ние можеби и ќе се гордееме со тоа, но Нобеловата награда сеедно ќе биде американска, а не македонска.
Да продолжам? Се сеќавате на д-р Игор Јанев и неговата битка за правната процедура, во која Македонија едноставно мора да се впушти за да се исправи неправдата што и беше сторена со приемот во ООН под референцата FYROM и невозможниот услов - за сопственото име да преговара со земја што добива алергија дури и од автомобилската налепница “МК”, (што патем речено ни ја доделија институциите на меѓународната заедница, чиј член е токму таа). Д-р Јанев ја доби битката и пред МАНУ и пред македонскиот ПЕН КЛУБ. И јавноста застана зад него. Кој сѐ не го поддржа? Но, по повеќе од едногодишен престој во Македонија како безработен, деновиве ми се јави од Белград (и натаму занесен со битката за името). Кога го прашав што бара таму, онака, патем, ми кажа дека била во тек постапка за негов избор за доцент на Факултетот за политички науки ли, на некој институт ли. Не би можел да се заколнам. По сите оние силни белосветски специјализации, постдипломски студии и, конечно, докторат на науки, Македонија го губи и овој млад, даровит човек. А со него, мошне веројатно и татко му (д-р Ратко Јанев, атомски физичар, еден од петте најголеми имиња на светот во својата бранша и член на МАНУ). Зошто би се делел човеков од синот?
Во секој случај професор Тома Чакулев, изгледа, има право кога вели дека нашинците се добри само за надвор. Никој, очигледно, не може да биде пророк во сопственото село.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment