МАГИСТЕР


Пред многу години Југославија едно време ја водеше една дама по име Милка Планинц. На таа тема (жена премиер) се јави едно чудо вицови. Некои од нив, денес ги препознавам приспособени на сметка на една друга дама (жена - министер за внатрешни работи).Што беше, како беше, како управуваше Милкица со земјата, сега веќе не е ни важно. На неа денес се сеќавам само по една работа: откако ѝ помина мандатот, во разговор со новинарите, изјави дека многу научила управувајќи со земјата. Прво што тогаш ми падна на памет беше дека оваа појава може да се сретне само кај нас. Насекаде во светот луѓето учат цел живот на угледни школи за да може потем, ако се случајно или намерно дојдат на власт, да го реализираат она што го научиле. Кај нас луѓето доаѓаа на власт за да учат (!?). А учеа главно на сопствените грешки. Тоа беше толку добра школа што шегобијците фатија да иронизираат: “Англичаните учат на Оксфорд и Кембриџ, а ние - на грешките!” Нејсе, бидна што бидна. Плодовите од ваквите методи ги знаеме: Југославија заврши онака како што заврши, веројатно и благодарение на овој авангарден начин на учење и управување со земјата.
Не верував дека и во суверена Македонија, особено не раководена од Партијата за македонското национално единство, ќе доживеам да слушнам реприза на изјавата на госпоѓа Планинц, а тоа, ете, сепак се случи. Младиот војвода, верен на своите предизборни ветувања, направи темелни промени. Откако првин неговите министри направија р’шум по министерставата, конечно и тој реши да смени неколкумина од нив. Речено-сторено! Само (и тоа е особеност на македонцките работи), наместо какво и да е објаснување зошто некои министри одлетаа, премиерот јавно вети дека ќе ги правел амбасадори. Свесен за прашањето што ќе си го постави секој граѓанин (“Како е можно еден неуспешен, а понекогаш дури национално штетен, министер одеднаш да стане амбасадор, кога се знае дека дипломатијата е сепак професија, а не политичка синекура?”), тој, во стилот на госпоѓа Планинц, побрза да одговори дека таа една година министерување била голема школа за “реконструираните” господа и дека сега тие биле кадарни да бидат амбасадори каде што ќе посакаат (!).
Веќе утредента добив е-маил, во кој еден пријател, огорчен од оваа изјава, фати на долго и на широко да ми го толкува она што мене и така ми беше јасно: дека премиерот со оваа “филозофија” го деградира значењето на образованието. Доволно било некого да го земат во владата и, по една година министерување, и од ментално говедо да направат амбасадор par excellence! Намерно претерувам!
Деновиве, сосема случајно, видов дека “филозофијата” на премиерот ја прифатиле и во други средини на јавната власт: една интелигентна млада дама, што на постдипломскиот курс по кривично право и криминологија на Правниот факултет во Скопје магистрираше со одличен успех, дојде да ме замоли да ѝ бидам рецензент на книгата (нејзината магистерска теза) што сака да ја објави. Зошто да не! Ако можев да го потпишам извештајот за оценка на мегистерскиот труд, не гледам зошто не би бил и рецензент при нејзиното објавување. Патем ја прашав дали виде некој аир од трудот што го вложи за да магистрира (дамата, инаку, работи во едно од нашите јавни обвинителства како стручен соработник) и дознав дека тоа не е случај. Спротивно на сите очекувања, таа, наводно, нема шанси ни сега (при претстојните именувања) ниту пак в иднина да стане јавен обвинител. Се обидов да дознам кои се луѓето што ја “истиснале”. Ниедно од имињата што ми ги кажа не ми значеше апсолутно ништо.
И пак ми отиде умот во одамна изминатите времиња на комунизмот (што во карикатурален вид се повторуваат денес): и таму во струката главно се напредуваше бладодарение на партиската верност, преданост и провереност, а не врз основа на стручните квалитети.
Тогаш, барем на Правниот факултет во Скопје, упорно настојував да воспоставиме, ако не начелен став, тоа барем некаква практика, лошите студенти да не смее да бидат бирани за студентски раководители. Попусто! Колку што некој беше послаб студент, толку поголеми му беа шансите да се качи повисоко по скалилата на партиската и државна хиерархија.
Зошто тогаш воопшто пишувам на оваа тема? Не оти нешто ќе изменам со овие редови во земја во која и на чистачките им бараат партиски книшки на ВМРО (и тоа е основната, но не и единствена, разлика меѓу комунистичкото и вмро-вското владеење)! Не ми паѓа на памет! Каква им е смислата тогаш? Да го кажам тоа што ми тежи и да си олеснам. А и “да не рекнев дека не сам им рекнаја”, кога еден ден нашиве млади управувачи со земјата ќе ја доживеат судбината на старите клети комунисти (а секако ќе ја доживеат).
Сепак, за да не биде пишувањево во стилот на она “рекла-кажала”, самоиницијативно решив да поразговарам со републичкиот јавен обвинител. Не станува збор за каква и да е протекција, меѓутоа, како раководител на постдипломските студии по кривично право и криминилогија, ме интересира зошто јавното обвинителство (денес!) толку ниско го вреднува фактот што некој негов соработник вложил дополнителен труд за проширување и продлабочување на своите знаења и се здобил со титулата магистер. Не интервенирам, значи, за никого, туку за принцип. Инаку, дипломите што ги даваме очигледно немаат никаква смисла. Наместо каков и да е одговор на ова начелно прашање ми беше речено дека дамата имала и друго лице (!?). Настојував врз принципот: обвинителите не се именуваат поради ваквото или онакво лице, туку врз основа на својата стручност, пред сѐ (А и кој човек има само едно лице?). Ме интересира зошто се омаловажува образовниот степен со кој се здобила на Правниот факултет како највисока правнообразовна институција во земјава. Не ги знам многу апотекарските рангирања во образованието, но еден магистер формално има (и мора да има) повисок ранг од еден вмро-вски приправник. И споменав дека тоа ме интересира пред, евентуално да седнам и да напишам нешто на таа тема. Власта реагираше во стилот што ѝ прилега на моќта: “Море, пишувај бе што сакаш!” (токму така, на “ти”, ми се обрати мојот некогашен студент, г. Ставре Џиков) и јас, еве, со негова дозвола правам така. Да се знае колку чинат дипломите што мачно (и скапо) се печалат на постдипломските студии. Притоа не е кој знае колку утешно што вака, не ретко, минуваат и докторите на науки: околу идеите на младиот д-р Игор Јанев, на пример, се крена голема врева, со нив се запознаени (и ги прифаќаат) и некои членови на владата, зад нив формално застана и Македонскиот Пен клуб, а тој сѐ уште е невработен.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment