ПСИХОЦИД
Минатата недела (на Водно) една дама, алудирајќи на писанието на д-р Димитар Димитров “ВМРО и етничките Срби во Република Македонија” (ДНЕВНИК, 12.02), ми рече дека знае за што ќе пишувам идната недела. Написот го имав прочитано, но не можев да видам зошто јас (неспомнат ни со име ниту со презиме) би морал да одговарам на нешто што не ме засега: ниту сум етнички Србин, ниту сум човек на Милошевиќ! Второто читање ме зацврсти во тоа уверување: текстот го доживувам како некој вид лична исповед: авторот сака да каже дека во Македонија, по осамостојувањето, и покрај формалниот прекин со стариот режим (дисконтинуитет) сѐ главно останало по старо (континуитет) и дека, “благодетите од таа мека транзиција во прв ред ги ужива нашата комунистичка елита”.
Философите се, инаку, тешко читливи. Со тоа мора да се помирите. За да ви стане јасно што имал на ум авторот, ќе измислам еден пример: замислете си човек што денес се претставува како ВМРО-вец, par excellence, а кој станот во кој живее го добил како заслужен граѓанин од клетите комунисти. Вие, се разбира, знаете - за да му дадат комунистите некому простран стан во најстрогиот градски центар тој мора да бил еден од нив, проверен човек! Има многу луѓе што од денешна гледна точка може да се сметаат за “заслужни граѓани”, а кои комунистите и не помислуваа да ги наградат со цело едно мало богатство во вид на стан, просто-напросто затоа што не беа правоверни, или барем тие не ги сметаа за такви. И сега, кога таков еден правоверен и проверен комунист преку ноќ ќе стане здрав ДПБНЕ-овски идеолог, тоа е раскин со старото, што филозофите го нарекуваат дисконтинуитет. Човеков, меѓутоа, си останува да живее во станот што му го подариле омразените комунисти и тоа ви е тогаш “продолжување да се уживаат благодетите на меката македонска транзиција” или - континуитет! Јасно?
Толку како објаснение на употребената терминологија! Инаку, целиот текст на д-р Димитров многу ми се бендиса. Навистина беше нужно некој барем да се обиде да í ги “приопшти” на македонската јавност клучните библиографски извори за “најбруталната стратегија и тактика на геноцид/психоцид” на Србите врз Македонците. Добар му е и натуралистичкиот приказ на српските злодела! Па сепак, нешто упорно ме буни!
Еве, да признаеме дека е сѐ така како што тврди авторот: џандарите си се џандари, српски-несрпски, и тие (на овие простори и - пошироко) главно тепаат. Тепаа до вчера, а тепаат и денес, во Арачиново, на пример (пак доказ за континуитет во дисконтинуитетот). Да признаеме дека Србите на овие простори навистина извршиле ужасни злодела на геноцид/психоцид (за оние што не знаат да појаснам: кованицава, составена од грчкиот збор “psihi”, душа, дух, и латинскиот глагол “occidere”, убива, би требало да означи еден нов вид злостор, што се состои во убивање на душата на народот). Само, види чудо-невидено! И покрај ужасниот српски геноцид/психоцид, на просторите колонизирани од нив и по 70 години неподносливо ропство, останаа недотолчени милион и кусур, макар и “историско-политички инфериорни” (!?) Македонци. Доказ за тоа дека српскиот геноцид не успеал! Останаа милион и кусур луѓе со висока свест за својата (македонска!) национална припадност, со своја култура и цивилизација. Доказ за тоа дека српскиот психоцид не успеал!
Ајде сега да погледаме како стојат работите со судбината на тие исти Македонци, што по делбата на Македонија останаа во Болгарија. Таму, нели, немало ни “колонизација, ни жандармерија, ни наметнување (болгарска) просвета, црква и култура”. Да имало, д-р Димитров тоа секако ќе ни го “приопштеше”. Македонците, што историските виори ги фрлија зад нашата источна граница, ептен се усреќиле во топлата прегратка на мајка Болгарија. И? Што се случило со нив? Едноставно ги снемало! Аш! Денес нема пукнат Македонец во Болгарија! А оние од ОМО Илинден? Чисти мазохистички настроени психопати или агенти на српските разузнавачки служби (вклучително и на нејзината македонска експозитура - Државната безбедност)!
Ај сега да го прашаме нашиот философ кога ќе напише уште еден ваков (убав) текст во кој ќе нѝ објасни како тоа Србите со толкава монструозна бруталност не успеаја да го сторат она што на нашите источни браќа им успеа без какво и да е насилство: деновиве, ете, и Ороспијата од Вавилон призна дека во Болгарија нема Македонци. (Верно, во тоа многу ѝ помогна токму новата партија на д-р Димитров, потпишувајќи во Софија акт со кој се обврзува да не се плетка многу околу судбината на т.н. Македонци!)
Според д-р Димитров, таму никогаш немало “нарушување на човековите права, што се протегало со децении, под вид на колонистичка администрација, жандармерија, просвета, црква и култура”. Таму, Македонците едноставно ги снемало поради некои физички закони: испариле како малу вода, долго време изложена на топлото јужно сонце. Никој не ги репресирал, никој не ги колонизирал, никој не ги терал да учат болгарски, никој не ги терал да се пишуваат Болгари, а тие, сепак, од чиста благодарност спрема мајка Болгарија, решиле да станат Болгарчиња.
Навистина е прашање на вкус и чест јавно да се расправа за едниот колонизатор, а да се заборава другиот (другите). Некои други Македонци сведочат поинаку за она што било: Петре М. Андреевски (во ПИРЕЈ) сведочи дека на нашите претци, кога си зборувале на својот јазик, Србите верно им пцуеле “мамицу бугарашку”, но, за истиот тој јазик Бугарите им ја пцуеле “мамката мрсна србоманска”. А ги тепале и едните и другите! Така некако и кај Македонецот се јавила свеста за посебниот идентитет, што не е ни српски ниту бугарски. Еден друг македонски писател (Миле Неделковски, во ПОТКОВИЦАТА) го предава разговорот на еден македонски селанец со некојси бугарски полковник Иванов. Селанецот, кој имал свежи сеќавања на српските злодела, му вели на полковникот (види чудо!): “А вие сте полоши!” “Полоши од кого?” прашува полковикот. Одговорот е “Од Србите!” Не верувам дека на д-р Димитров не му се познати овие факти. Како што не верувам дека кога и да е ќе помисли јавно да одговори зошто Србите и нивните потомци ни должат извинување, а не и Болгарите. За Грците веќе и да не зборуваме.
Само, како да бараме извинување од Болгарите кога самиот д-р Димитров (среде Софија) излагаше теорија според која Македонците биле однародени Болгари. Во светлината на тој факт сосема е јасно зошто за човеков не постои (и не може да постои) страдање на Македонците во Бугарија. Но, и тоа е прашање на вкус и чест!
Ѓорѓи Марјановиќ
No comments:
Post a Comment