ПРИЗНАНИЕ

Човек понекогаш знае да се возбуди од нешто, а да не биде свесен за причината на својата возбуда. Ако тоа се случи ноќе, во дејство обично стапува несоницата. Нема нервоза ни забрзан пулс ниту пак покачен крвен притисок, човек е навидум прибран, мирен, само - никако да заспие! И бидејќи со нешто мора да се занимава, туку ќе фати да си мисли де за ова де за она. Мислата скока од предмет на предмет, а тоа уште повеќе го оддалечува од сонот. Ова ми се случува од време на време, па и минатата ноќ.
Си легнав релативно рано (околу два часот по полноќ) и убаво, мирно спиев до четирите, кога се разбудив, станав да се напијам вода и го чув Марко (магарето на соседот) како збеснато тропа со копитата по лимените ѕидови на својата подвижна куќичка со која го возат по градот и со него, вапсан како зебра, ги сликаат дечињата. Сиромавот е, велат, жив ѓавол: така мојот досетлив сосед заработува по некоја паричка за да се прехрани и да преживее. Арно ама ноќе на Марко изгледа воопшто не му е удобно во тесниот метален затвор, па по цела ноќ тропа ли тропа кутриот без да има кој да му помогне. Да сме Англија соседов до сега секако ќе го глобеа за престапот измачување животни. Ама ние не сме Англија, туку Балкан бавча, Македонија, а во неа никој не се грижи ни за луѓето, а камоли за животните.
Пред некој ден минувам преку Камениот мост по едно кучешки луто време, студот апе за носот, за образите, за ушите, а некакви Ѓупци среде мостот (врз едно лито картонче) оставиле бебе не постаро од две години за да пита за нив. Лежи кутрото неподвижно, чиниш бедно повиена кукличка. Луѓето минуваат, вртат глава или им пцујат се по список на бездушните родители. Понекој и ќе фрли некаква паричка. Да сме правна држава, како што не сме, г. Ставре Џиков секако би ги викнал на рапорт скопските обвинители да ги распраша чуле ли тие некогаш за чл. 201 ст. 2 КЗ, кој со затвор од три месеци до три години ги казнува родителите што од користољубие го наведуваат своето дете на питање. Но, како што досега повеќе пати се осведочивме, г. Џиков очигледно има поважни работи одошто да се грижи за примената на Кривичниот законик, било да е во прашање Џафери & компанија, Циле Национале или питачите (дотолку повеќе што последниве се Роми, а човеков мора да дава свој придонес кон “релаксираните меѓуетнички односи”).
Вакви мисли фатија да ми се вртат по главата и сонот сосема ми избега. Нејсе, не ми е прв пат. Дури отпосле, обидувајќи си протолкувам на што се должи мојата несоница, ми текна дека за тоа може да биде виновна госпоѓа Винка Саздова (од ЗУМПРЕС), која се зафати со објавувањето на “Комбре”, првата книга од циклусот “Во потрага по загубеното време” од Пруст, врз чиишто коректури деновиве манијачки работам (читајќи го веќе трет пат преломениот текст и постојано откривајќи ситни печатни грешки). Тоа ќе да е! Појавата на Пруст на македонски ме восхитува, но - изгледа - и длабоко ме вознемирува. Неверојатно сложен, многуслоен автор, еден расипнички богат јазик, еден свет и еден начин на живеење што на овие простори не постоел. И сето тоа, пренесено на македонски, сепак е не само течно, разбирливо, туку и звучи како поезија во проза. Ова, меѓутоа, е пријатен немир, немир што човека го тера буден да сонува, да мечтае (притоа нема големо значење што има шеесет години!) И да го моли Господа да му го чува умот за да втаса да ја доврши големата работа за која се фатил (делото има тринаесет густо исполнети томови, а јас сум на средината од вториот).
И среде оваа убава, по малу декадентна атмосфера, одненадеж се јавува познат глас (мојот кумашин и соборец во Лигата за демократија) кој триумфално ми соопштува дека му јавиле оти на некакваси многу популарна приватна радио станица мојава страничка во ДНЕВНИК слушателите ја прогласиле за најчитана во 1999 година. Не знам зошто туку одеднаш почувствував како треперам од нервоза. Молчев и ги слушав славопојките на кумашинот: свечено доделување на признанијата во Универзалната сала; ќе имало и ТВ-пренос за цела Македонија; прекрасна реклама и за нашата Лига за демократија. Е, тука веќе ми препукна, го прекинав и му се изназборев небаре тој има лична вина за мојот бес: таков вид циркус може да прават алтернативните демократи, но не и ние од Лигата; “признанието” воопшто не ми годи, туку, напротив, ме исполнува со бес против читателите што своето едномислеништво, своето прифаќање на моите идеи, не умеат поинаку да го изразат освен со учество во анкети; каква фајда може да има од сето тоа Лигата за демократија - ако луѓето не ги инспирирале за нешто поумно тие текстови, како може да се очекува таков ефект да постигне еден јавен циркус во Универзалната сала, со или без телевизија, сеедно; чуму им се на овие луѓе нашите усилби ова парче земја да го направиме асолна европска правна држава, пристојно место за живеење, а не бојно поле на мафиози од секаков сој. Спрема Пруст може да се однесуваат како спрема чиста литература, зашто тој е тоа, но не и спрема мојата ангажирана “проза” ... итн. итн. Затоа, мене признанија од вакви луѓе не ми требаат. Ми е гајле за нивните ситни одушевувања кога немаат граѓанска доблест политички да се определат за она со што интимно се согласуваат.
Во еден момент со чудење се свестив: она што не му успеа на “човекот од Бардовци” (кој во НОВА МАКЕДОНИЈА напиша половина страница гадости на моја сметка, а јас во ниеден момент не почувствував ни бес ни потреба да одговорам) неверојатно ефектно му успеа на некој друг и тоа со средство пред кое човек останува без збор: одамна никој не ме повредил толку длабоко, толку болно, не ме погодил во почувствително место од оној што дошол на идејата да ми го додели ова признание.
Она што посебно боли во врска со оваа работа е сознанието дека е во прашање безочен фалсификат: има објективизирани критериуми за мерење на популарноста. Според нив, популарни колумнисти се Циле Национале, да речеме, Љубен Пауновски, Никола Поповски. Што пишуваат тие - не знам, зашто, по неколку обиди да ги читам, кренав раце. Но, на другите читатели на весници нивните идеи очигледно им се допаѓаат и тие масовно ги поддржуваат. Тоа не е случај со моите.
Затоа, многу пати си мислам има ли смисла да се учествува во оваа ујдурма. Сепак, нема ден да не се јави по некој нов симпатизер, по некој нов член. Не тече, ама капе. Кумановци велат: “Капка капе, вир се вири!”, а жена ми: “Не смееш да ги изневериш луѓето!” И нема! Тоа никако! Но, признанија од друг вид не фермам и не прифаќам! Затоа, овдека (на “инкриминиранава страница”) од тоа јасно и гласно се оградувам. Универзалната сала ќе причека на мене и на Лигата за демократија!

Ѓорѓи Марјановиќ

1 comment:

  1. Почитуван професоре ве однема од дневниве весници, затоа блогов ми дојде како откровение.
    Со почит
    Зоран

    ReplyDelete