ЗА ‘РТЕЊЕТО НА КОМПИРОТ
Кога некој спаѓа во категоријата на “буфови” (луѓе свикнати на ноќна работа), па обично си легнува два-три часа по полноќ, за него осумте часот изутрина се речиси “рани зори”. Ова го кажувам за да знае читателот зошто еден ден (пред вториот круг на претседателските избори) бев мошне изнервиран кога една непозната дама ме разбуди од најслаткиот сон (во 8,30). Уште повеќе, меѓутоа, ме избезуми нејзиниот повик “на помош”: Македонија била во опасност, а јас (претставете си!) сум бил единствениот способен да ја спаси од пропаста. Јас и инаку (и во нормално време) не ги сакам ласкавците, но ми се виде дека дамава ептен ја претера работата со моите спасителски способности. Во што е таа опасност, прашав, а таа, како од ракав истресе: ВМРО и Џафери! И разврза прикаска, според која, една нејзина пријателка, службеник во општината Гази Баба (жена, демек, на која секако мора да ѝ се верува), ѝ раскажала дека ВМРО-овците само во оваа општина по список однеле 3.000 неподигнати избирачки книшки. Македонија има сто и кусур општини, помножено со по три илјади... Луѓе, кражба! На помош! Спасувај Марјановиќу!
Мила моја мајко, што ми се спиеше (таа ноќ легнав во четирите часот), а дамата никако да престане. Да ѝ речам дека во Македонија има општини и со по илјада жители, та изборната математика не ѝ чини, залудо, само ќе долиев масло врз огнот. А не можев просто да речам: “Ви се молам, оставете ме да се доспијам! Очиве ми се затвораат! “ И туку, ми текна: “Проштевајте, госпоѓо! Вие, инаку, сте член на Лигата за демократија?” Како што и очекував, одговорот беше брз и мошне енергичен: дамата била интелектуалка и партиите не ја интересирале!
Види мајката! Мојата партија не ја интересирала, а сепак бара од мене да ја спасувам Македонија (сам, без никој жив со мене, небаре ја имам в џеб Аладиновата лампа), па тоа е невидено и нечуено! Видов нема друго чаре, та ѝ реков: “Ве молам, госпоѓо да ја спуштите слушалката за да не ме натерате да бидам непристоен и да прекинам јас!” И дамата ја спушти.
Оваа епизода деновиве постојано ми се врати во мислите. Кај и да мрднам (на факултет, во Градскиот Трговски Центар, на концерт, на Водно) наидувам на сосема непознати луѓе што ме запираат со горе-долу исти апели, прашања или категорички тврдења: “Што да се прави? Ова е крајот на Македонија! Ова е почеток на крајот!” И сѐ во тој стил. Или, просто, си имаат некоја мака, некој ваков или онаков проблем, и туку ќе фатат да ми пишуваат писма, да ми испраќаат фотокопии, да бараат видување, разговор, консултација, совет. (Така, еднаш, придружувана со оној Стоиле, што подоцна го снема од нашата политичка сцена, дојде на консултација и сегашната министерка за внатрешни работи.)
Многу бргу открив дека прашањето “Дали сте член на Лигата за демократија?” најефикасно ме ослободува од натрапниците (патриотите, загрозените граѓани, македонските страдалници од сите фарби, од луѓето со нерешливи лични или професионални проблеми). И се сетив на едно место каде што Енгелс (во предговорот или поговорот на “Германската селанска војна”, што на времето ја бев превел од германски, но, поради “случајот Марјановиќ”, не успеав да ја објавам дури ни во “Комунист”) вели дека малограѓаните (па и нашиве македонски), најчесто стојат надвор од социјалните судири, гледајќи сеир, меркајќи кој ќе победи, па, кога тоа ќе се случи, вртоглаво му се фрлаат во прегратки на победникот, а потем крчмите трештат од нивното самофаленичарство! Тогаш се поголеми католици од Папата! Така беше во 1945 (кога одненадеж се намножија комунистите), така се случи неодамна кога се накотија ВМРО-овците! Со оглед на тоа што во демократијата социјалните битки се водат на политичката арена, малограѓанското стоење на страна најчесто значи стоење на страна од партиите, а особено надвор од единствената “спасителка на Македонија” - Лигата за демократија!
И, колку што важи она “каков народ - таква власт”, не помалу важи и една нова: “каков народ - такви медиуми”! Нашите слободни и неслободни медиуми веќе решија дека во Македонија не постои ништо надвор од двата македонски противпоставени блока + партиите на оние со име што новокомпонираната пристојност не дозволува јавно да се изговара. За еден политички “аналитичар” секако е полесно да размислува кога има само црно и бело. И, бидејќи кај нас политичкото го импрегнира сето друго, нашите бистри новинари главно ги интересира само она што доаѓа од тие две кујни, никако не и она што во секоја нормална европска земја е вистинска медиумска посластица: можноста да откријат и (за доброто на демократијата!) да употребат една политичка афера!
Еден (измислен, па со самото тоа и неверојатен) пример: некој од Лигата за демократија му кажува на еден новинар дека тој и тој партиски лидер (до вчера на власт!) од некоја приватна фирма добил за партијата паричен прилог во висина од два милиони марки! И мислите дека новинарот ќе фати да трага по вистината, да собира (и да обелоденува) докази за тој алиш-вериш? Бог да чува! Ова не е бедна Германија, каде што против Хелмут Кол ќе се води кривична постапка за смрдени два милиони марки! Во богата та пребогата Македонија никој не се сакалдисува и кога некому ќе му се откачи признание дека зел не два, туку четириесет милиони марки! И тоа не е прилог за партијата, туку за него лично, згора на тоа и за мошне смрдена работа: да “лобира” кај својата влада неговата земја да признае некоја проблематична индустриска сила желна за признанија. Знаете исто така што се случи кога Лигата за демократија (се разбира, кој друг) поднесе кривична пријава против нашиот несуден усреќител: за министерот за правда тоа беше циркус, а за Републичкиот јавен обвинител очигледно багателна работа (“дело од мало значење”?!). Има човекот поважни работи одошто да испитува ноторни факти (дали едикојси пред 600 луѓе во еден и пред уште толку луѓе во друг град навистина јавно ја признал бруката за која пишуваше владината НОВА МАКЕДОНИЈА).
И оди сега та прави партија во Македонија ако немаш пари од провизија или ако не си екс-министер, екс-парламентарен спикер! Но, јас не сум само јогин, туку и есперантист (гледам како на Дар-Мар му се слошува!), а од Заменхоф наваму есперантистите упорно го повторуваат неговиот стих “Ec’ guto malgranda konstante frapante traboras la rokon granitan!” (“дури и капка вода постојано удирајќи пробива гранитна карпа”). Значи - знам што правам! Македонскиот народ е како компирот - про’ртува кога ќе му дојде времето за ’ртење! Времето на Лигата за демократија очигледно сî уште не дошло! Но, ќе дојде! И компирот ќе про’рти! Не се случило да не про’рти! Освен ако во меѓувреме не скапе!
Ѓорѓи Марјановиќ
No comments:
Post a Comment