РАЗУМОТ, ТОА СУМ ЈАС!


Многумина од оние што ме познаваат, што ме среќаваат на Водно или на концерти, од оние што ме читаат, деновиве ме прашуваат: “За кого да гласаме?” Ние во Лигата за демократија и овој пат решивме никого да не поддржуваме, но никому и не му забрануваме да мисли со своја глава и да се определи. Важно е да излезе и да гласа! Така правам и јас: ако некој смета дека со овие редови поддржувам некого, тоа е негов проблем. Јас само сакам да проговорам за тоа како лично ги доживувам двајцата кандидати.
Првин за г. Тито Петковски! Треба ли да кажам дека човеков не го сметам за виновен што го крстиле според Св. Јосип Презадолжениот, како што, впрочем, ни неговиот противкандидат нема вина што го носи името на бугарскиот цар Борис (Бог да го прости!). Мојот однос спрема победникот од првиот круг би требало да биде јасен: јас на времето го тужев овој џентлмен, исто како неодамна д-р Васил Тупурковски. Само, не за некаква провизија, туку за пропуштање во “случајот Џафери”! Ако се има предвид фактот дека не пропуштам прилика за “другарот Тито” и за неговото партиско јато да кажам по некој саркастичен збор (како потсетување на добрите стари времиња кога тие палеа и гасеа по жална Македонија), човек би рекол дека јас секако ќе гласам за безгрешниот отец Борис (и тоа, макар и меѓу редовите, им го препорачувам и на другите). Работите сепак не се толку едноставни!
Мојата јавна кривична пријава против г. Тито воопшто не беше шега (како ни таа против Циле, впрочем) и тој тоа добро го разбра. Резултатот е познат: два дена по кривичната пријава тој го постави на дневен ред и го реши прашањето за коешто беше тужен. А прашањето, да потсетам, гласеше: зошто, г. Петковски (во својство на претседател на Собранието на Македонија), спротивно на Уставот и законите, дозволува пратеникот Џафери да си игра (Кумановци би рекле) “дрн-дупка” со парламентот - прима плата а демонстративно отсуствува од седниците!
Во една друга пригода ненајавен го посетив именуваниов господин во неговиот кабинет во Сабранието за да поразговарам со него за некои идеи што ми паднаа на ум во врска со грбот на Македонија. Ми остави впечаток што г. Петковски при моето влегување учтиво стана, појде накај мене и ме поздрави на средината од пространиот кабинет. Кога му кажав за поводот на мојата посета, меѓутоа, призна дека тој во комисијата за грбот е само политичка фигура, а дека за моите идеи треба да поразговарам со сликарот Димитар Кондовски (што јас и го сторив; патем речено, тоа ми беше и последната средба со Кондовски пред неговата смрт!).
Конечно, во една трета пригода на г. Петковски, пак во истото својство на претседател на Собранието, му се обратив со писмо во врска со едно чудо редакциски грешки што ги открив во штотуку објавениот Кривичен законик и побарав од него да се направат потребните исправки. Не мина многу време, а од него добив учтиво писмо во кое ми благодари за укажувањето и ме известува дека грешките се толку бројни што за нив сепак треба да расправа законодавно-правната комисија на Собранието, на која í го проследил моето писание.
Ете, тоа се моите искуства со г. Петковски. Тој може и да не ве сака, но тоа никогаш нема да го покаже, а, што е особено важно, нема да дозволи тие негови чувства да се одразат врз службената работа.
Пречесниот отец Борис го познавам уште поповршно од г. Петковски. Иако дипломирал на нашиот факултет, јас на него се сеќавам само како на физиономија. Имам документација за тоа како минал (ги чувам сите испитни извештаи за кандидатите и оценките што ги добиле), но не сакав да проверувам кога полагал и што добил од мене. Тоа во случајов не е ни важно! Од тие дамнешни времиња наваму со него сум се сретнал сî на сî два пати. Еднаш, пред ланските избори, кога неговата партија сî уште беше вонпарламентарна опозиција, налетав на него на пазарчето во Ченто. Се сепнав кога чув како тој мене (неговиот некогашен професор!) ме ословува на ти (да признам: јас сум нездраво чувствителен на формата). Сепак, ова не му го зедов за зло (или барем не долго време): наскоро една убава Светле, што многу си ја сакам, ми кажа дека тој бил “Божји човек” (свештеник) и тоа на некакваси протестантска ли, лутеранска ли црква (веќе не се сеќавам). Тоа мене воопшто не ми пречеше. Напротив, веднаш почувствував симпатија за “пречесниот отец Борис”. Знаев дека во тие релативно нови цркви понекогаш владеат други правила на поведение и дека неговиот начин на ословување (на ти) можеби и е обврска за нив и му го простив она што инаку тешко го проштевам.
Не му простив, меѓутоа, кога во еден момент посакав да разговарам со него за некакви правно-процедурални прашања во врска со постапката во која бевме примени во ООН како безимена држава, на која (додека не си го реши спорот со Грција, а тоа ќе се случи на куково лето!) сите ќе í се обраќаат со евокативниот акроним “FYROM”, а тој никогаш не најде време да се види и да поразговара со мене. А не му простив не затоа што сум пречувствителен на формата (иако еден некогашен студент мора да најде време за разговор на вака важна тема со својот професор!), туку затоа што неговото пропуштање ми се виде крајно непрофесионално. Неговиот противник на изборите така никогаш не би постапил. Повеќе од сигурно! Момчево уште не седнало на нешто поважна државна фотелја, а веќе се однесува толку несмасно големџиски.
Неговата предизборна кампања не е ништо помалу несмасна. Го гледам на фотографии по весниците: слуша химна небаре е американски претседател - со десната рака театрално положена врз срцето (!?). Така кај нас химната на Македонија ја слуша само уште сопругата на премиерот! Или со тоа г. Трајковски ни навестува некои нови времиња и нови процедури! Од друга страна, се крсти во традицијата! А традицијата во Македонија налага химната да се отслуша простум, да не речам во став мирно! Му го гледам предизборното проспектче! Да му се смачи на човека! Де верувал во љубовта, де во семејството, де во луѓето, де во младите (небаре тие не се луѓе!), де во пријателството, де во знаењето, де во искуството итн. итн. Човек доѓа во искушение да праша: има ли нешто на овој свет во што отец Борис не верува. И таман да си го поставите тоа малициозно прашање, кога Борис едноставно ве остава без здив “Верувам (вели) во совет, зашто со задоволство го давам”. Види мајката! Човек во негови години (и со неговото неискуство!), а веќе толку среќен што може да ве посоветува. Најдоброто сепак доаѓа на крајот кога до вчера анонимниот отец Борис ќе ви порача: “Верувам во разумот, затоа што верувам во себе!” Токму така! Речено со зборовите што му се поттураат на Луј XIV: “Разумот, тоа сум јас!”.
Овие несмасности човек уште би можел и да му ги прости! Но, како да му прости што е кандидат на партијата на власт што на најистурени места по нашите општини поставува повеќе или помалу осведочени...
(Ај, да не зборувам многу! Од Охрид добив писмо во кое некој ме предупредува да не тропотам премногу, зашто лесно сум можел да летнам од катедрата и да завршам на растоварање шлепери. Потпис: “Засега толку!”)

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment