ПОНИЖЕНИ И НАВРЕДЕНИ


На почетокот од возбудливата перипетија на правење ДНЕВНИК тринаесетте величенствени (момчиња) ме замолија од време на време (да не речам: секоја сабота) да им пишувам по нешто “за македонцките работи” и јас тоа (за чудо!) со се поголемо задоволство го правам. Притоа ми е сосема сеедно дали тоа што го објавувам некому му се допаѓа или не.(Впрочем, за тоа се грижи глодур-от на 13-те: ако не го бендисува - или тоа станува општествено-политички неподобно - веќе ќе најде начин учтиво да ми заблагодари на соработката.) Притоа ми е сосема сеедно и дали некој протестира против моите текстови. Начелно решив да не полемизирам со моите напаѓачи (дури и кога тие во своите писанија, без каков и да е аргумент, просто ќе ме исплукаат, како неодамна еден господин од националноста што не смеам да ја именувам онака како што тоа го прави тој).
Пред две недели, меѓутоа, и не сакајќи, сум ги повредил чувствата на една (унпредепска) дама. Дамата е “многу разочарана”. Дамата протестира. Јас сум омаловажил некакваси конструктивна дискусија. Сум фрлил анатема (небаре сум црквен поглавар!) врз начелата на семинарот. А тие начела биле: толеранција, доверба, дијалог, подеднакви можности (види, Бога ти!).
Јас протестот на ex officio суперсензибилната дама го чувствувам како личен авторски неуспех: текстот за (правната) оаза на мир и сожителство требаше да проговори за некои бедни mazedonische Zustaende, а не да ги штрапацира чувствата на моите читатели. Во него јас воопшто не се обѕрнав врз светите начела на семинарот и врз конструктивните дискусии на унпредепските (и ините) дами и господа. Пишував само за она што сакав таму да го кажам, а не го кажав, зашто ми се згади среде тој наконтен, лицемерен свет, та побегнав за да не направам некој јавен резил. Затоа сега, испровоциран од солзите на навредената и понижена госпоѓа, ќе мора да се осврнам барем врз светите начела на семинарот, што треба да ја усреќат мојата татковина. Ќе одам со ред!
ТОЛЕРАНЦИЈА! И се восхитував (и, цврсто сум убеден, и в иднина ќе и се восхитувам) на убавата идеја за толеранција, онака како што во своите списи ја конципираше Monsieur de Voltaire. Само, ги молам почитуваните дами и господа од УНПРЕДЕП да не го мешаат со оваа идеја европското и белосветското толерирање на грчкиот шовинизам од најдолен тип, зашто (за чудо, во последно време) се почесто ми е мака од рамнодушноста со која Европа и Светот ги толерираа(т) грчките манири на друмски разбојник. Две цели години пронаоѓачите на демократијата со своето ембарго ни го уништуваа стопанството, ни ги затвораа фабриките, ни ги оставаат луѓето без работа, без леб, без огрев, без лекови, а притоа ниедна унпредепска дама не пушти барем притаена воздишка (ако веќе не и текна да напише енергичен протест против таа одвратна силеџиска свинштина). И сега ние не сме знаеле што е тоа толеранција, а тие знаеле, та дошле тука да не подучуваат!
ДОВЕРБА! Ние балкански страдалници без вина, ние што најевропски се одделивме од Северниот брат без да испукаме ниеден куршум (иако пред лицето на сиот свет, среде бел ден, ни ја ограбуваше земјата однесувајќи се што можеше да се однесе од нашите касарни и воени складишта), треба да имаме доверба во оние што денес преговараат со “Балканскиот касап” небаре Босна била само грд сон. Ние знаеме добро што е тоа доверба, само - довербата мора да се спечали. А ние немаме апсолутно никаква причина за доверба во белосветските протуви што седат и се дружат со тој ист “Балканскиот касап”, кој преку ноќ се претвори во најголем балкански миротворец!
ДИЈАЛОГ! Дијалог водат луѓе што меѓу себе се познаваат. Луѓе што, пред да седнат да разговараат, си ги кажуваат еден на друг имињата. На каква маса за дијалог може да седнат претставниците на една земја што не смее да си го каже ни името, а другата страна да не стане и да си оди без збор. Навредената унпредепка, во својот јавен протест, зборува за “меѓуетничките проблеми со кои се соочува з е м ј а в а”, за да заврши со некои прашања “кои се од максимална важност за мирната иднина на оваа м а л а, н о п р е к р а с н а з е м ј а”, повторно, како и сите нејзини претпоставени, “заборавајќи” да го каже името на таа земја.
Пред некое време, една дама, напуштајќи ја Македонија, и зборувала на една друга дама, што требало да дојде тука: “Најтешко од се ми паѓаше таа наметната игра во која земјата морав да ја нарекувам на сите можни начини, само не онака како што и е името!” Е па, и нам ни се смачи! И од вас и од вашите манири. А особено од вашата моралност.
Зошто вашиот свет, најдобриот од сите можни светови, е толку толерантен спрема нашиот јужен сосед, кога добро знае некои историски вистини: во далечната 1913 година тројца мали балкански империјалисти (Грција, Србија, Бугарија) ја грабнаа земјата што се викаше Македонија од турскиот завојувач и си ја поделија меѓу себе. Од една станаа три Македонии: Егејска, Вардарска и Пиринска. Во меѓувреме, едниот од трите разбојници го загуби својот дел. Другите двајца денес се во вистинска паника дека тоа би можело да им се случи и ним. И некои од нив (што до вчера во својата земја го забрануваа името Македонија, нарекувајќи ја “Северна Грција”) денес ни забрануваат нам да се викаме Македонија. За да не дознае светот како таа Македонија се нашла во три (или дури четири) балкански држави. И со оглед на тоа што ние немаме доверба во оние што ги поддржуваат балканските разбојници, УНПРЕДЕП & Комп. дојдоа да не научат што било тоа доверба (види, мајката!)
И конечно: ПОДЕДНАКВИ МОЖНОСТИ! Треба човек да биде без срам и перде (како што вели македонскиот народ) за да се дојде во оваа м а л а, н о п р е к р а с н а з е м ј а и (при ваква состојба на работите) да му соли памет на овој народ за некаквиси подеднакви можности! Да прости милостивата госпоѓа, ова за мене е поголем цинизам од оној на човекот што си ги убил родителите, а потем, пред судот, барал да му се земе за олеснителна околност фактот дека - станал сирак!

ДНЕВНИК (I,85,13)

No comments:

Post a Comment