БАРАВТЕ - ГЛЕДАЈТЕ!

Постојано ми се врти мислата дека причините за с$ што денес ни се случува треба да ги бараме наназад, во некое друго време, иако луѓето може да бидат исти. Се сеќавам, така, на првата конвенција на Лигата за демократија во сега веќе далечната 1990 година во хотелот “Континентал”. Ü кажавме на управата што сакаме, тие ни ја кажаа цената. Ја поделивме со бројот на очекуваните гости и добивме некаква сума што секој мораше да си ја плати (1.500 ли беше, 1.500.000.000 ли динари од човек, не се сеќавам веќе; имаше ужасна инфлација и с$ се сметаше во милијарди.) Нејсе!
“Континентал”, секоја чест, се претстави во најубава светлина: шведската маса беше неповторлива - да му е жал на човека да се послужи и да ја расипе таа прекрасно сервирана француска градина. Имаше и музика и некакви “комедијанти” (тезгароши кои оставија ужасен впечаток со простотијата на својот “хумор”, што никако не одговараше на еден собир на пристојни луѓе). Имаше и аукција на слики.
Имавме и телевизиска екипа од МРТВ-ата (друга телевизија тогаш и немаше). ТВ-екипата ја предводеше една моја студентка. Дојдоа пред почетокот на конвенцијата. На предводничката, со гордост покажувајќи # ја раскошната шведска маса, посебно # нагласив: “Вакви богати гозби, се разбира, имаше и во комунизмот. Разликата меѓу нашава и комунистичките не е во квалитетот или квантитетот на јадењата, туку во системот - комунистичките гозби беа гага, секогаш плаќаше некој друг, нашава си ја плаќаат учесниците на конвенцијата. Би било добро тоа да го истакнете. Инаку, сите вие од телевизијата сте наши гости, можете да се служите како и сите други.”
Така и бидна. ТВ-луѓето се служеа (просто нека им е), снимаа, гледаа сеир и - си заминаа. Веќе истиот ден или утредента, сеедно, го видовме резултатот од нивната информативна дејност: богатата шведска маса ја прикажаа (со бројки и со букви) рамно три пати. Снимена од крај на крај. Да не се посрами од неа ни англиската кралица. Ниту еден единствен збор не кажаа за тоа дека овој пристоен народ со свои пари ја плати таа убава гозба. Од машките учесници на конвенцијата беа снимани само оние што носеа “пеперутки”, од дамите само оние со посебно елегантни фустани. Сликите на малиот екран ги следеа зборови, а меѓу нив доминираше “елита” (што, да им објаснам на помладите, беше рамно на пцост: најстрашна работа во комунизмот беше да ве обвинат за “елитизам” или “лидерство”).
Така МРТВ-ата на самиот почеток # ја запечати судбината на Лигата за демократија: “Таа шведска маса, тие пеперутки, тие елегантни тоалети, тоа ве упропасти!”, ми велеа подоцна луѓето. А квалификативот “елита” веќе никако не пропуштаа да го повторат сите оние што ќе фатеа да зборуваат за Лигата. Имаше и злонамерни будалетинки што тврдеа дека во членство на “елитната” Лига за демократија не примале никој што не е барем “магистер на науки”(!?).
Така, МРТВ-ата го даде својот придонес во борбата против омразениот елитизам и, секоја чест, брилјантно успеа. Сега можам колку што сакам да зборувам, да пишувам, да објаснувам дека Лигата за демократија ниту била замислена, ниту реализирана како некаква елита, не помага. Кога ќе ти го турат прекарот, оди после ослободи се од него.
За ВМРО-то ни никој никогаш и не помисли дека би можело да биде елита: тоа беше опачината на стариот добар СКМ, па веќе и само затоа имаше големи шанси да се пробие и наметне. Без оглед на тоа што и идеите му беа само опачина на комунистичките. И така го добивме она што си го заслужувавме и с$ уште си го заслужуваме.
Деновиве, за жал, без сопствена желба (ни вина) повторно сум во ситуација да се нервирам за “македонцките (политички) работи”, иако бев решил да кренам раце од тој залуден труд: просто чувствувам личен долг да ја помогнам Граѓанската алијанса на Македонија како нешто што # треба на земјава: граѓанска опција без идеолошки предзнаци, без омраза спрема никого, сочинета речиси од сите етноси кои живеат во неа, луѓе што сакаат од Македонија да направат пристојно место за живеење. А гледам: не ја бива работата! Никој жив во оваа земја не се интересира за идеи (што може да н$ извадат од калта во која полека се давиме).
Сега има многу телевизии, многу весници, многу списанија (како и многу партии, впрочем), но ситуацијата и во нив е “длабоко растегнат (комунистичко/антикомунистички) строј”. За граѓанските опции едноставно нема место. Што, патем речено, и не е кој знае какво чудо: како да правиш граѓанска опција со главно рурална популација (да не речам “сељаци”, како што понекогаш вели Данаилов-Фрчковски).
Елем, пред некој ден, за да го разбиеме молкот на медиумите спрема ГАМ, Лигата за демократија реши да проговори “за македонцките работи” на една прес-конференција. Во елитниот “Холидеј ин” имаше една камера и четири (со бројки и со букви) новинари. Сетне чув дека од тоа што го зборувавме спомнале нешто на радиото, а на пет минути пред полноќ н$ имало и на бојкотирана (“антимакедонска”) телевизија и - толку. Оди после, натпреварувај се со црвените и со црните. А бе, не можеш да се мериш ни со пајташите на баронот фон Минхаузен, што денес ќе ви се колнат во вистината (!?).
Пред првите парламентарни избори американската амбасада во Белград за новите и стари опозиционери од Југославија организираше разговор со американски стручњаци за избори: ние седиме во некаков информативен центар на амбасадата (до мене во клупата беше, за прв и веројатно последен пат во животот, д-р Војислав Коштуница), а експертите таму некаде во Вашингтон, па, преку сателит, си правиме муабет. И некој (д-р Зоран Ѓинѓиќ, ми се чини) праша што е најважно за да се победат комунистите. Одговорот на Вашингтон с$ уште ми ѕуни во ушите: “За победа на изборите се решавачки три нешта: 1. пари; 2. пари и 3. пари.”
После се виде дека сепак не е с$ само во парите. Но, пресвртот го направија пред с$ оние што најдоа начин да си ги побараат, дали од дијаспората, дали од МПО-то ни, дали од мајка Болгарија, не е важно. И така излезе дека во политиката ти е како и во “швалерајот”: големи швалери се оние што умеат да си побарат. А после им се лутат што си барале и што - толку многу добиле! Се сеќавате ли на онаа американска серија “Баравте - гледајте?” Тоа е принципот: така беше и така ќе биде! Сиромајот од ум јет сиромав!
Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment