“ТАЈНАТА ВЕЧЕРА”

Да види човек, да не верува: кој знае колку време се мотав на политичката сцена на Македонија (“како калуѓерка во јавна куќа”), без тоа најчесто кој и да е да го забележи, а, еве, одненадеж бев забележан со нешто што ни на крај памет не ми паѓаше дека може да предизвика внимание: со една кратка куртоазна посета кај г. Едвард Џозеф, претставникот на Меѓународната кризна група во Македонија.
Јас, инаку, не ги читав и не ги читам “провладините” весници, па оттаму ни “Вечер”, но, вниманието врз написот за кој станува збор ми го сврте г. Петар Гошев. Минатата среда навечер бевме кај него (строго приватно!) на едно кафе, кога тој, во еден момент, ми рече: “Утре ќе ве има на првата страница на Вечер!”. Притоа не ми рече по кој повод. На враќање дома го зедов “провладиниот” и мошне се развеселив кога видов колку високо котира Лигата за демократија: “Ѓорѓи Марјановиќ, претседател на Лигата за демократија” фигурираше веднаш зад “Радмила Шеќеринска од СДСМ” и “Петар Гошев од ЛДП”! А што било работата? Па, сме биле заедно на некаквоси “парти-бендисување” кај г. Едвар Џозеф, кој, очигледно, требало политички да н$ посврши ни повеќе ни помалу туку со војводата од Шипковица (макар и преку посредник).
А точно е дека бевме: првин г. Џозеф, ни прв ниту пак последен што посакал да се види со мене, се најави, дојде, го почестивме со слатко и ладна вода, му сваривме кафе, поприкажавме неполн саат и човекот (постојано во брзаница, толку работа има кутриот во кризна Македонија) си замина. За оние што не се сеќаваат или едноставно тоа не го забележале јас пред јавноста не ја сокрив оваа посета: се намести така што можев да ја искористам во колуманата “Презервативи”. А таму бев рекол:
>>Пред некое време ме посети еден фин џентлмен од МКГ. Си правевме муабет, како што дал Господ и туку, во еден момент, човекот ме прашува што сум мислел јас за идејата на МКГ (од времето на донаторската конференција), Европската Унија да í определела антикорупциски советник на македонската влада. “Не ме бендисува таа идеја”, одговорив како од пушка, а гостинот, изненаден, за малу ќе се засркнеше од кафето.
Антикорупцискиот советник на владата може да помогне исто колку чајот од камилица против тумор на мозокот. На Македонија не í треба “советник” туку тутор, старател. Македонската влада, како крајно неодговорно суштество, конечно треба да се стави под старателство. Нема друго чаре за борба против корупцијата! “Пара врти где бургија не¢е”, велат Србите. Со оваа влада на чудесни промени европскиот “антикорипциски советник” за еден месец ќе фати да дава мошне прифатливи совети и ќе испраќа сосема пристојни извештаи во Брисел. А што ќе прими за возврат, тоа може само да се претпостави.<<
Во меѓувреме колумната беше објавена и прво што помислив кога секретарот на г. Џозеф по телефон ме покани на “еден мал прием” кај него дома беше дека сака да го продолжиме разговорот на тема корупцијата во Македонија и со задоволство се одѕвав. Арно ама не беше така!
Со г. Гошев (и со уште еден типично англиски џентлмен по име Бојчев, кого во ВЕЧЕР никаде не го спомнуваат, а кого јас мошне нетактично го прашав да не е можеби од ВМРО-то ни), во 20,30 часот, бевме првите гости. По некое време дојде и госпоѓица Шеќеринска. Ја поздравив како “моја симпатична душманка”, на што таа протестираше, а јас бев малу разочаран поради нејзиниот недостиг на смисла за хумор (госпоѓа Илинка Митрева секогаш ја поздравувам како “мојата драга душманка”, а таа дури и не помислува дека тука има место за лутење). Нејсе! Сетне дојдоа и некои “членови на заедницата од над 20%”. Се ракувавме, се разбира. Како им беа имињата ниту чув, ниту пак (да ми простат) ме интересираше. Од “нивните” го познавав само Ким Мехмети, чии “забегани” прикаски (не колумни, да се разбереме!) со задоволство ги читам (поправајќи му ги србизмите).
Дојдоа и некои Американци, облечени за по дома како да му беа соседи на ергенот-домаќин. Во еден момент, кога видов како тие секому, не слушајќи што овој им вели, блазирано му одговараат “Nice to meet you”, сакав, заради штос, да ги опцујам, сигурен дека ќе ми речат: “Nice to meet you”, но, бидејќи пцуењето на македонски и инаку не ми е јака страна, ги опцув по американски со истото тоа “Nice to meet you”.
Но, бидејќи имам блага аверзија спрема вакви протоколарни приеми, за помалу од еден час се поздравив на вратата со домаќинот и си заминав. Еве, тоа е од прва рака (и без мистификации) приказот на “тајната вечера” за читателите на ДНЕВНИК. Да не бидат покусо од тие на ВЕЧЕР!
Ах, ќе заборавев! Мојот домаќин на вратата, испраќајќи ме, ми рече (небаре се работеше за кој знае каква тајна): “Професоре, знаете што открив - со корупцијата е поврзана и дрогата!”, на што јас, по македонски, му одговорив “Добро утро!”, а потем, од нога, морав да му објаснам што значи во Македонија “Добро утро!” во 21,30 часот: нека го викне на муабет г. Руфи Османи и овој поподробно ќе му каже од каде му се парите на г. Џафери со кои си ја финансира партијата.
Значи, да заклучам: не беше вечера, туку по една пијачка што му се нашла на домаќинот-ерген (еден “член на заедницата од над 20%” мошне ме развесели со својата несмасност кога, на прашањето од домаќинот “Што ќе се напиете?” одговори, небаре е во Holiday Inn: “Мартини”, што ергенот, се разбира, го немаше).
Инаку, освен што не беше вечера, не беше ни тајна: на прозорците од ергенскиот стан немаше ниту едно макар и најминимално, дупнато перденце. А тоа значи дека бевме како на јавна сцена за сите што минуваа по улицата. Впрочем, така и ја најдовме куќата. Во еден момент споменатиот г. Бојчев, здогледувајќи го нашиот домаќин од улицата, рече: “Ене го Џозеф!” Ако можев јас, со доста голема диоптрија, да го видам американскиот таен агент 007 од улицата, можеше практично секој. Што само по себе значи дека поентата за некакваси “тајна вечера” губи секаква смисла. Некој што сака да прави “муќки” (какви што се обидуваат да му импутираат на г. Џозеф) би се потрудил да си набави барем пердиња. Вака, прави приеми без срам и перде, а бидејќи вмровска Македонија нема други проблеми, провладините новинари од тоа ќе прават стории. Нешто мора да пишуваат. Особено ако не смеат да пишуваат за она од што навистина боледува оваа земја.

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment