СОМНЕЖ

Само што го разубедивме Роберт Алаѓозовски да не пребрзува со оставката на претседателската функција во Лигата за демократија (поради изборниот дебакл 2002), зашто во тој пораз нема никаква негова вина, а весниците фатија да се полнат со написи за некакви чудни “дејанија” на Брат Љубе. Велам “чудни” ако се има предвид џентлменскиот начин на кој премиерот го призна поразот и им ја честита победата на противниците.
Веќе знаете за драматичните постапки на Брат Љубе: за неговото настојување по секоја цена да влезе во прилепската печатница за да види (и да документира) што се случувало во таа институција со некаквиси неважечки гласачки ливчиња. Верно, луѓето од печатницата не сокрија дека имало палени ливчиња, но објаснија и зошто: тоа била т.н. макулатура - лошо отпечатени, извалкани пробни листови што се нормална работа во печатницата. Оној што имал работа со печатарството знае дека такавата извалкана хартија е нормален нуспродукт пред да се добијат убави, беспрекорно отпечатени листови.
Она што сериозно почнува да ги буни луѓето во приказната на Брат Љубе е големината на “макулатурата”: само полуидиот може да поверува во несмасноста од толкави размери на прилепските печатари. Тие, имено, наводно запалиле повеќе од 480.000 (речиси половина милион) ливчиња!? Дури и луѓе што никогаш не работеле во печатница, на коишто им е прв ден во таа струка, не би можеле да направат ваков неславен светски рекорд. Нешто очигледно смрди! Таа сметка (под услов да е точна) зборува за она што во жаргонот се нарекува “муќка” (сматок, расипано јајце што непријатно мириса).
И туку, наеднаш, на прв поглед без логична врска со претходново, се сетив на една грешка во ливчињата (во изборната единица 2, каде што и самиот гласав), која на победничката коалиција # донесе три незаслужени гласа. Барем јас знам за толку. Имено, еден член од моето семејство и двајца членови на Лигата за демократија, ми се пожалија дека морале да гласаат за “ЗА” само затоа што на листата не фигурирала коалицијата ГАМ, во која беше и Лигата. Поплаката беше в ред. Гласајќи, и самиот забележав дека неа ја нема, но бидејќи го познавав по име и презиме носителот на листата (од Демократската партија на Србите во Македонија), гласав за него. После дознав дека во другите единици гласачкото ливче изгледало поинаку: знакот на партијата + нејзиното име + носителот на листата, а потем, под него с и т е членки на коалицијата со партиските симолби и имиња.
Ваков превид направен од составувачот на гласачките ливчиња не ми изгледаше можен. И туку ми се уврте мислата дека ливчињата се правени на две различни места (и од двајца различни мајстори), а со тоа се засили сомнежот дека во целава работа има нешто мошне симптоматично. Веќе и само тоа ќе беше основана причина за приговор од страна на Лигата за демократија, зашто поради неисправноста на ливчето многумина лојални членови и симпатизери на ГАМ во двојката не успеале да си го дадат гласот за оној што го избрале, туку за оној што им се чинел помало зло.
Не знам зошто, но не верувам дека тоа е “масло” на вмровците. Во ова треба да ми се верува зашто искрено сакав да паднат: распаѓањето на правната држава за време на овие “нивни” четири години беше забележливо со голо око (стотици возила без таблички по улиците, шверц на цигари на Бит Пазар во присуство на полицијата, јавното, неказнето кршење на законот за авторските права, а со тоа и на Кривичниот законик, а за нефермањето на тој ист закон од страна на Ставре Џиков и комп. и да не зборуваме). Сакав да паднат, ама на демократски и фер избори, а не со муќки. А од лично искуство знаев дека нивните политички душмани се мајстори за муќки.
На првите избори, имено, Лигата за демократија се избори за едно пратеничко место: сега веќе покојниот инг. Среќко Арсовски го беше победил својот комунистички противник со цели 8 (осум) гласа разлика. Утредента СКМ/ПДП (така се викаа пред да станат СДСМ) успеал да додаде точно 700 ливчиња за својот кандидат. Албанците н$ известија за оваа ујдурма и ни дадоа список на 100 луѓе од нивната заедница што биле заокружени во избирачките списоци (иако никако не можеле да гласаат: биле во странство!). Се растрчавме, за седум дена успеавме да обезбедиме 25 изјави од нивните семејства, со кои потврдуваат дека тој и тој граѓанин, што наводно гласал за СКМ/ПДП, во времето на изборите бил надвор од земјата.
Правевме и тужба до Врховниот суд и тој ги прифати сите наши наводи: Лигата за демократија докажа дека во таа и таа изборна единица имало 25 фалсификати. Правда и пол! Но, наместо да тргне од поставката дека таму каде што биле можни тие 25 докажани, можело да има уште 2500 недокажани фалсификати (бидејќи чесноста на една партија не може да се мери ни на кило ниту пак на метар), врховниот делител на правдата во жална Македонија пресуди дека тие 25 фалсификати не можеле да влијаат врз резултатот. Така махерите од СКМ/ПДП, што и денес се махери на СДСМ, # ги скршија нозете на Лигата за демократија веќе на првиот чекор од парламентаризмот.
Има само една работа што збунува во прикаската на Брат Љубе: како можеле махерите на СДСМ да направат ваква муќка кога сите лостови на изборната процедура беа во рацете на ДПМНЕ. Но, има и други матни работи во врска со таа прикаска. Амбасадорите, на пример: со какво право и врз основа на кои закони некаквиси амбасадори ја чуваат претседателката на ДИК од Брат Љубе (!?). Прво што му паѓа на памет на човека е дека тие можеби се плашат да не се открие некоја муќка (не дај Боже!), слична на онаа со Арачиново. Од друга страна, сега “меѓународната заедница” (со кое право?) притиска врз Бране да го земе Ахмети од Бушовата “црна листа” во коалицијата, кога нему никако нема да му биде тешко парламентарното мнозинство да го направи и со помош на единствениот социјалист во земјата + некои “чесни” Албанци од ПДП.
Ова “безобразие” може да се разбере само вака: ако навистина му помогнале да победи, имаат право и да му диктираат кого да земе, кого да не земе во владата. С$ друго би било безочно мешање во внатрешните работи на една суверена земја. А тоа е недопуштено според аршините на таа иста меѓународна заедница. Барем кога се тие во прашање. Ние сме нешто десето!
Сомнежот е, значи, основан и - разумен. А во англосаксонската кривична процедура разумно сомнение мора да се расветли од страна на независен суд. За доброто на сите тоа и кај нас треба да се стори. За да може без остаток да му се радуваме на резултатот од нашите “скандинавски” избори.
Ѓорѓи Марјановиќ.

No comments:

Post a Comment