ГАЧКИ

Колумниве, барем за мене, се чист зијан. Што и да напишам, што и да речам, туку ќе се најде некој погоден, навреден, налутен. Туку ќе фатат да фрчат телефони, пријателите во чијашто приврзаност се колнев ќе фатат да ми се закануваат дека веќе нема да ми зборуваат (“до крајот на животот”). А зошто? Затоа што за некого сум напишал дека бил и с$ уште е “асолен домаќин со меко срце и широка рака”. Дали овој човек ќе ми се јавеше да се заблагодари, да ми честита, да ме пофали ако напишев дека е “неасолен домаќин со тврдо срце и стисната рака”? И бидејќи тоа е неверојатно, решив да не се обѕрнувам на ваквите протести: асолен домаќин си е добар домаќин. Човек со меко срце е добар човек. Човек со широка рака е дарежлив човек, а не циција, стипса. И бидејќи човеков за кого станува збор не е глупав, не ми останува друго освен да мислам дека мојот текст воопшто не го прочитал, туку некој друг (за кого не пишував со кој знае какви симпатии) се препознал и му го раскажал онака како што нему му се чинело згодно. Нејсе, еве, јас јавно давам збор дека веќе никогаш никого нема да го пофалам во жална (и болна!) Македонија. Болна? Па, да се лутиш што ти оддаваат признание не е ништо друго освен патологија!
А можеби човеков и има право. Во нормални земји, во нормални народи луѓето се гордеат кога некој ќе рече убав збор за нив. Но, не и во Македонија. Ми доаѓа на ум една книга што на времето ја издаде “Студентски збор”, а ми ја подари мојот добар (за жал, сега веќе одамна покоен) пријател Насте Стојкоски, директорот на таа куќа. Не би можел да се заколнам за тоа како му беше името на авторот (мислам дека е Симјановски и дека живеее во Кичево), но знам дека книгата му се викаше “Фаќачи на вампири” (за жал не успеав да ја најдам дома за да проверам, зашто на толку многу луѓе сум им ја позајмил на читање што сега воопшто не се сеќавам кој е последниот). Тоа е книга раскази за настани и луѓе од родниот крај на авторот. Имам впечаток дека се работи за автентични настани и луѓе. Или барем повеќето се такви. Она што е потресно во оваа книга (и во жална и болна Македонија) е дека ниеден расказ нема хепиенд: доброто, чеснотото, доблесното, убавото, кроткото, питомото, секогаш е понижено, навредено, испцуено, исплукано, извалкано, претепано, оттурнато од другите, поинаквите.
И минатата година и годинава мислата многу често ми се враќаше на ова автентично сведоштво за нашата типично македонска човечка природа. И си велам: па и не е чудо што с$ ни се случува во последно време. Ако сме и приближно таков народ, каков што н$ прикажува авторот на “Фаќачите на вампири”, и ред е да н$ стрефи Божја казна затоа што сме такви. Впрочем, казната и е излезена од Рајот!
Дигресија: според едно (кај нашиот источен сосед) доста раширено толкување, Ева била Болгарка, па терајќи го Адам да касне од јаболкото го навлекла гневот Божји врз Болгарите и Бог ги казнил со изгон од Рајот, но и со многу други, споредни казни: да не бидат на победничката страна во ниедна значајна војна, туку секогаш онаа друга, да не речам каква, “странка”, да сонуваат и дење и ноќе дека Македонија е болгарска, а таа никогаш да не биде нивна итн. итн. И, само уште да не заборавам откаде им е аргументот дека Ева била Болгарка: “Ами, каде, освен в’в Б’лгарија, ште намерите жена којато се подава за едно јаболко?” А сега, да се вратам сега на Божјата казна за нас Македонците!
Кога Господ сака некого да го казни, обично првин му го зема умот. Нашата Божја казна е Арбен Џафери и неговата Partia demokratike Shiptare. Деновиве читам: господинот Чист (интегралецот со мила фаца од Зајас) од прво успеал да ја регистрира својата партија. На Засипнатиот судот по четврти пат (!) му ја одбил регистрацијата! Го слушам Џафери како мрмори: “Проклета бирократија! Една Лига за демократија регистрираа без да им трепне окото, а јас со мојата моќна партија направив цела една војна, ја претворив во прав и пепел омразената Оаза на мирот, ги родив Ахмети и Теута Арифи, го клонирав Хаџиреџа (од црната листа), а тие си играат мајтап со мене и не ја регистрираат најголемата и најмоќна партија на просторите на Голема Албанија окупирани од клетите Славомакедонци!”
Изнервираниот Ангел на мирот им се заканува на Славомакедонците (и на другите): “Ако не се изгласа пасошот и Деловникот, Partia demokratike Shiptare ќе ги бојкотира изборите”, а нивното повлекување од политичкиот процес тешко ќе им паднело на другите! Мене особено: Partia demokratike Shiptare не излегува на изборите и, се разбира, ја нема веќе ниту во парламентот ниту пак во владата. И што ќе правиме без нив? Што ќе правам јас лично, мила моја мајко?
Веќе нема да можам да ја толкувам ни азбуката на демократијата: ако една група луѓе не е регистрирана од страна на надлжениот суд таа не постои како партија, таа не е актер на политичката сцена, таа не може да биде во парламентот, во владата, па ни во коалиција со некоја ас партија. Ја нема Partia demokratike Shiptare и мене ми пропаѓа основата врз која се темели мојот став дека Македонија е ѓоа-држава.
Затоа, ќе се сети ли некој од Уставниот суд на Македонија, додека Partia demokratike Shiptare е сî уште во власта, да ја прогласи и целата влада за нелегитимна? Ако дел од владата (врз кој се заснова нејзиниот опстанок) е нелегитимен, нелегитимна е и владата како целина. За илустрација: за склучување брак (барем засега) во Македонија е потребно едниот од партнерите да биде машко, другиот женско. Ако едниот партнер не е машко (или не е женско, сеедно) бракот правно не постои. Услов за склучување политички брак (тоа на убав македонски јазик се вика: коалиција) е идните брачни партнери да бидат регистрирани како политички субјекти пред надлежниот суд. Ако не се - коалиција нема, па ни политички брак!
- Ама, професоре, ќе рече некој, па не гледате ли дека ВМРО-то ни и Partia demokratike Shiptare опстануваат во брак веќе четири години.
- Не, не гледам, одговарам јас. За мене тие не се во брак, туку во конкубинат, во вонбрачна заедница. Како кривичар би бил во искушение да речам: тие вршат политички “противприроден блуд”.
И не е дека во оваа земја нема дете што ќе извикне: “Царот е гол!” И не дека е тоа тајна во оваа земја. Само, Македонија не е земја на приказни, туку на исколчена реалност и нема кој да слуша. А да има ќе се најдеше веќе основа за поништување и на Охридскиот договор! Имено, ако Partia demokratike Shiptare е нелегитимна структура, таа, како таква, не смеела да биде учесник во разговорите во Охрид. С$ што потпишале нашиве со еден нелегитимен (правно непостоечки) субјект исто така е нелегитимно. Секоја измена на Уставот врз основа на некаков си нелегитимен “Рамковен договор” е ништовна.
Само, ова се веќе приказни за големи деца. Мојот сват Бандо презрително би рекол: “Гачки!”

Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment