АЛИСА ВО ЗЕМЈА НА ЧУДАТА

Има една поучна балканска приказна за некаковси ориентален деспот што потрошил едно чудо пари да ги школува децата на своите паши и бегови во странство за да му помогнат во управувањето со земјата. Кога ги свршиле високите школи и се вратиле дома султанот им дал работни задачи: тој што завршил медицина да биде министер за правда, тој што завршил право да биде министер за земјоделство, тој што завршил агрономија да биде министер за внатрешни работи... Кога останале насамо Великиот везир го прашал зошто направил така. “Е, мој везире, одговорил султанот, да ги оставев децава да го работат она за што учеле, ни јас ќе бев цар, ни ти велики везир!”
Се сетив на оваа приказна во врска со судбината на една дама што на Факултетот за астробиологија на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје предаваше квантна физика. Нејзиниот факултет (за време на “темниот период” на самоуправниот социјализам) потроши едно чудо пари за нејзиното стручно доквалификување, зашто дотогаш на таа високообразовна институција ретко кој знаеше што е тоа квантна физика и чуму таа може да служи.
Во западниот свет на гнилиот капитализам квантната физика беше последен “крик на вресоците”, па нашите “комуњари” (според терминологијата на Бране), за да не останат подолу и за да не се рече дека кај нас не се води сметка за напредокот на науката, потрошија, како што реков, едно чудо пари и дамата не само што научи што е тоа квантна физика, не само што на сосема разбирлив начин со години им ја предаваше на своите студенти, туку (чудо невидено!) напиша и прв учебник по тој предмет на македонски јазик и за него доби неверојатно ласкави рецензии токму од своите довчерашни учители од странство. За волја на вистината, нејзините учители (барем во времето на нејзиното образование по квантна физика) и не беа во странство, само во меѓувреме се беа случиле некакви случки и тие ненадејно, без никој да ги праша, се најдоа во странство.
Минаа години, дамата (треба ли да кажам: од Лигата за демократија?) настојуваше да си обезбеди академско наследство. За жал, кога образованието е во прашање, пари по обичај немаше. Но, дамата беше упорна и (конечно, пред некоја година) успеа да си обезбеди асистент (верно, од женски пол, но ни тоа не е кој знае колку важно).
Асистентот се погоди асолно чупе, засука ракави, ги читаше сите странски конкурси со кои смрдените капиталистички универзитети им доделуваат стипендии на младите академци од земјите во развој (па дури и на оние земји што од поодамна не знаат што е тоа развој) и искористи с$ што можеше да искористи за и таа да се специјализира во доменот на квантната физика.
Како илустрација на нејзината упорност нека послужи фактот дека магистрираше на некој универзитет речиси на самиот Северен пол. Во моментов младата дама е на некој од универзитетите на БИРИПРОБ (земјата, верно, не се вика така; ова е само референција искористена при нејзиниот прием во ООН: “Бивша Римска Провинција Британија”). И на добар пат е за година, годинаиипол и таа да се здобие со диплома на доктор по квантна физика. Го знам чупето. Не се сомневам дека ќе ја добие.
Само, чуму? Во меѓувреме, онаа прва дама (од Лигата за демократија, да нема недоразбирања), што на својот матичен факултет предаваше квантна физика, ги исполни условите (40 години стаж) и доби решение за пензија. Не се бунеше, зашто c’est la vie! (велат Французите, а и таа донекаде е франкофон). Закон е закон и секој човек пред него мора да наведне глава.
Арно, ама, во Законот за високото школство на земјава пишува: во ситуација кога еден универзитетски даскал си оди во пензија, а нема адекватна замена, неговиот факултет може да распише конкурс за тоа наставничко место, па ако нема човек со соодветно образование (а нема!), да направи договор за дело со наставникот и тој да продолжи да предава уште година, годинаипол, додека неговиот академски наследник не се дооквалификува за да може работата да си ја преземе во свои раце.
Единствената квантна физичарка во земјава (и пошироко) и не бараше друго. За неа беше важно предметот да остане во раце на квалификуван научник, предмет за кој во меѓувреме се покажа дека и не е “наука заради наука”, туку мошне применлива дисциплина, особено значајна токму за една земја во развој (дури и ако оваа наполно заборавила што е тоа развој).
За жал, “у једној земљи сељака, на брдовитом Балкану” секогаш има и други (ориентални) начини и методи за решавање на проблемите: на пример, предметот квантна физика да # го доверите (пак!) на една дама што во меѓувреме докторирала на астроихтиологија. Се разбира, ако знаете за што станува збор, вие ќе се насмеете: каква врска имаат вселенските риби (ако воопшто ги има) со квантната физика. Тоа се два различни света!
Да, претпоставувам дека вака би размислувале академските кругови на Запад. Но, не и наставниците на Факултетот за астробиологија во Скопје. Тука е можно апсолутно с$: ако може утре министер за одбрана да ни биде човек што од швајцарските фондови за здравствено осигурување примал дебела пензија (велат дури 3.000 швајцарски франци!) поради “параноична шизофренија”, зошто пак човек што докторирал оркестрација на Музичката академија во Прага да не може да предава биотехнологија на Факултетот за кулинарство?!
Токму вака и решил Наставно-научниот совет на Факултетот за астробиологија во Скопје. Образложение: нема никакво значење што женава нема блага претстава што е тоа квантната физика. Ќе седне со своите студенти (што треба да ги учи) и - ќе научи! А дамата што специјализира во БИРИПРОБ? Здравје! Само нека докторира. И за неа ќе се најде чаре: таа ќе може да предава основи на класичниот балет на Факултетот за драмски уметости во Скопје.
Треба ли да кажам дека прикаскава е вистинита, само (од разбирливи причини) се извршени мали “стилистички” измени. Впрочем, колумните и немаат за цел да изменат нешто на балканскиве простори. Тие се просто “уметност заради уметност”, а во неа вакви работи се допуштени. Ако пак некој сфати за кого и за што станува збор, го молам да си молчи. За свое, не за мое добро!

No comments:

Post a Comment