ГАБРОВО

До пред две години и не знаев каде е точно Габрово. Никогаш и не бев чул за него. С$ до оној ден кога еден габровец (од Швајцарија), поттикнат од прикаските на еден свој пријател (мој некогашен студент), не дојде да ме посети за да поразговара со мене “за македонцките работи”. Јас, изгледа, испитот успешно го положив и Тони стана првиот член на Лигата за демократија од Габрово. Некој месец подоцна бројот на членовите на Лигата се зголеми за 100%: ни се придружи и жена му. Веќе годинава членството во Габрово панично нарасна за нови 100%: и мојот некогашен студент со жена си се зачлени во Лигата. Еве, тоа “панично” зголемување на нашето членство беше причината да прифатам в сабота, пред изборите, да појдам во Габрово со м-р Роберт Алаѓозовски, новиот претседател на Лигата за демократија, за да поразговарам со неговите жители “за македонцките работи”.
И така, за прв пат во животот, заради Габрово, ја видов и величествената Беласица, неверојатната, боговска арена за македонската трагедија од времето на Самоил. Не ми оди в глава, која била логиката славната битка да се води во тие високи и денес тешко пристапни планини. Само, човек би рекол дека тоа нема никакво значење за мојава приказна. А има!
Некоја попретприемчива власт од досегашниве секако би фрлила некоја паричка за истражување на локалитетот каде што била водена битката. Би фрлила некоја паричка достојно да ја обележи месноста (ако случајно тој дел од жална Македонија не # се паднал во дел на мајка Болгарија), би ја направила достапна за посетители, а јас воопшто не се сомневам дека таа многу скоро би станала цел на многубројни македонски аџии. Дотолку повеќе што до целта на аџилакот би се одело преку величенствено убави предели.
За жал, кога човек ќе стапне во Габрово како да го напушта европскиот дел од Македонија: по селските улици, на кои посетителот ќе се сретне и со ретко убави куќи (градени веројатно од месните гастарбајтери), нема ниту еден единствен метар асфалтна подлога, ниту една единствена улична светилка. Фала Богу што некој се сетил барем по куќите да им воведе електрика.
Инаку, селото е поделено на два лути душмански политички табора: вмро-вски и сдсм-овски. Велам “душмански” само од гледна точка на поведението во предизборната кампања: плакатите што ќе ги залепеле вмро-вците ги снемувало за неполни два часа. Сетне истото им се случувало и на сдсм-овските. Некој од вмро-вците се досетил да го испише името на својата партија на единствениот јавен клозет во селото од каде што никој не може да го избрише. Другите злобно коментираат: “Таму им е местото, затоа и не го чепкаме!” Ние, преку Тони, испративе во Габрово неколку постери на ГАМ со сликата на Роберт. Нивната судбина не беше поинаква од судбината на постерите на “душманите”. За два часа беа искинати до еден. Да не бидеме ние од Лигата за демократија подолу од нив.
“А бе, луѓе, им велам на почетокот од мојот воведен збор, па вие не сте крстени! Комунистите владееја 45 години, нивните наследници, сдсм-овците, уште шест и не ви направија ни еден метар пат. ВМРО-вците за четири години ништо, и вие сега се мислите за кого да гласате. Да сум јас габровец не би гласал ниту за едните ниту пак за другите. Да видиш некаква фајда од некого, уште и да го гласаш. Вака...”
И така, збор по збор, почна нашата “трибина” пред селската продавница. Ако претходниот ден во Гевгелија, на сличен настан, немаше повеќе од триесет луѓе, во Габрово очекував три-четворица. А богами ги имаше повеќе одошто во Гевгелија. Некои седеа на пластични столчиња, други на гајби со пиво, најголемиот дел (меѓу нив и доста стари луѓе) го отстојаа на нога целиот разговор. И во ниеден момент не почувствував дека некој е непријателски настроен, дека некому му е здодевно. Никој не ни контрираше, никој не ни дофрлуваше. Освен едно симпатично младо момче, што изгледа беше испило некое пиво повеќе. Само и тој беше грижа на неговите соселани, а не наша: главно тие ги смируваа неговите неконтролирани “интервенции”, што, патем речено, и не беа од политичка природа.
Отпосле ми кажаа кои од присутните биле вмро-вци, а кои сдсм-овци. Никој, ни од едните ни од другите, не ни го прекина излагањето, ни мене ниту пак на Роберт. А кроткиот, би рекол дури пријателски, блесок во очите како да говореше дека со многу нешта и се согласни. Можеби и со с$. Можеби им беше криво само тоа што не сме од нивната боја.
Си помуабетивме добар час и половина, а после уште половина час од нога. Цивилизирано, без груб збор, како вистински европски луѓе заинтересирани за јавните работи. На крајот испушиве уште по една цигара, се ракувавме со сите (и со вмро-вците и со сдсм-овците) и би рекол, ако не е претерано, пријателски се разделивме. Дури црниот мрак по сокакот на враќање кон домот на Пецеви н$ потсети на тоа колку сме далеку од Европа.
Ако и имаше некој што подвикна, што го подигна тонот во таа компанија, тоа бев, за жал, јас. Во еден момент симпатичниот љубител на пивото по кој знае кој пат ми упадна во збор, прашувајќи ме (небаре јас сум таа сила што ги определува платите во светот) колку била платата во Шведска, а колку во Македонија. На професорот, научен да не го прекинуваат додека зборува, очигледно малу му дојадија тие негови потпрашувања, па му подвикна: “Кажи фала, Благојче, што си во Македонија! Да беше во Шведска досега ќе те уапсеа за пијанство на јавно место! Таму тоа е кривично дело.” Ова како да го успокои. Само зачудено ме праша: “Што ти текна да зборуваш за Шведска?” Заборавајќи веројатно дека тој прв ја спомна.
Сетне во домот на швајцарскиот член на Лигата за демократија н$ нагостија на класично македонски начин: со Џек Даниелс и богато мезе, сетне со слатка вечера и кафе. Ова нема да им го заборавиме. За три-четири дена ќе им одиме пак. Овој пат не на политичка трибина, туку на повојница: моите млади членови пред еден месец конечно го исполнија последниот и најважен услов за прием во Лигата: им се роди третото детенце (а втора ќеркичка).
После некој ќе ми рече Лигата за демократија била мала партија. Па мора да биде мала штом условот за прием во членство е - три деца! Тоа е, впрочем, и нејзина програмска определба: “На Македонија # одговара семејство со три деца!”
Во моментот кога ги читате овие редови веќе ќе се знае дали Алаѓозовски успеал да влезе во Парламентот. Ако влегол за тоа секако се најзаслужни габровци: нивните гласови последни ги собравме. Ако не, никому ништо! Да сме живи и здрави! За тоа никако нема да бидат виновни габровци. Ќе се обидеме по четири години!
Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment