ЖИВ ЗИЈАН

Не знам кој беше тоа што рече: “Лигата за демократија на политичката сцена на Македонија правеше грешки, но не и гревови!” и јас сум готов да се согласам со него. Една од првите, најголеми грешки таа ја направи на својот почеток: штом беше објавено дека Анте Марковиќ, тогашниот сојузен премиер, во кого тогаш сите се колневме како во спасител на земјата, решил да формира партија - Сојуз на реформските сили - Извршниот одбор на Лигата за демократија (со еден глас против - на Богомил Ѓузел) одлучи да í се приклучи на неговата партија. Речено, сторено! Издадовме и соопштение во таа смисла, а на сите членови што ни се јавуваа да прашаат што да прават, им велевме - “Одиме во Реформските сили!”
Не мина многу време и туку еве ти го во Македонија Столе Андов, тогашен југословеснки амбасадор во Ирак и (по свое кажување) интимус на Садам Хусеин (инаку познат како голем либерал, нели) во улаога на “координатор на реформските сили”. Што правеше, правеше, важно - се направи себеси шеф на новата партија во Македонија, а нас, од Лигата и не н$ покани да земеме учество во неа. Нејсе! Ние и така интуитивно се бевме оладиле кога видовме кој ќе биде шефот на Реформските сили во Македонија. Иако штетата беше сторена: загубивме неколку општински централи и уште многу, многу поединци, на кои самите им советувавме да влезат “кај Анте”.
Не мина многу време, а мене ми беше пренесена една ваква приказна: еден важен човек од Лигата се нашол во кабинетот на глодурот (така новинарите од милост си го викаат својот “главен и одговорен уредник”) на “Нова Македонија” и овој му пренел дека Столе Андов лично, пред него, се исчудувал како тоа новинарите го прогласиле за “координатор на реформските сили”, кога тој бил пратен од Анте Лигата за демократија да ја направи столб на реформските сили. Нашиот човек се изненадил. Ова му се видело некој вид политичка фантастика со оглед на тоа што во текот на целото свое “координаторствување” Андов ниту лично ниту посредно не се обиде да стапи во контакт со Лигата. Глодурот кревал раменици: така, буквално така зборувал самиот “координатор”.
И туку, види чудо: во тој момент на вратата од кабинетот на глодурот се појавил лично и персонално бај Столе Андов. Нашиов човек секогаш сакаше да ги истерува работите на чисто: “Абе, бате Столе (дали му рекол вака, не знам, јас така го прераскажувам тој разговор), вака и вака, нашиот домаќин ми раскажа една неверојатна прикаска - ти лично си му кажувал дека Лигата за демократија требало да биде столбот на реформските сили во Македонија?!” Прашаниот очигледно немал каде и потврдил. Нашиот човек продолжил да се исчудува: “Не можам да разберам, ти никогаш не направи никаков контакт со професор Марјановиќ?” Што било работата? Чоекот се обидувал, но не можел да ме најде (!). Види, мајката! Нејсе! Резултат од ова сознание беше никогаш и во ништо да не веруваме ако доаѓаше од г. Стојан Андов. Тоа беше и останува прагматична определба на Лигата.
По кој знае колку време во “Александар Палас” се сретнав (за прв пат) со Анте Марковиќ. Беше платен советник на владата (чија, веќе не знам, а не е ни важно). Ме интересираше автентичноста на горераскажаната приказна и не пропуштив да го прашам. Човекот ме погледна непријатно изненаден и, наместо да одговори дека било така или не, само по малу театрално ми рече: “Ви се молам, не спомнувајте ми го Столе Андов. Тој ми е најголемата грешка во животот!” И тој жртва! Веќе немав срце да го чачкам, а и тој брзаше некаде.
Втор, по нас, што изгоре од бај Столе беше човекот што # го подари името на партијата. Во тоа време сите многу се угледавме на братска Словенија, а таму младината формираше “Либерална партија”, па таква формираа и младите на Македонија. Убаво звучи, а им обезбедува можност да си го присвојот имотот на Сојузот на младината на Македонија. Што прави сега Ристо Иванов не знам, но повеќе од веројатно би можел да раскаже интересна приказна за тоа како се “офајдил” од друштвото на Столе.
Нова жртва беше г. Петар Гошев. Еден ден ме викна и ме прашува што мислам јас за обедунувањето на “либералите” со Демократската партија (во која тогаш беше влегла и Лигата за демократија, што беше нејзина втора катастрофална грешка). Тоа беше пријателско прашање, никаква консултација, зашто пазарот, изгледа, веќе беше направен. “Вие како ве учи паметта, реков, но ние од Лигата со бај Столе нема да седиме под еден кров. Ако се обедините, ние не само што нема да останеме во раководството, туку ни во членството на Демократската партија. Ја обновуваме Лигата!”. И така би!
Многу скоро се покажа дека обединувањето било грешка не само во политичката сметка: 1 + 1 = 2 (75.000 гласови за едната и 75.000 гласови за другата ќе # донесат 150.000 гласови на обединетата партија), туку и секакво садење крастајци со бај Столе.
Кој беше следната жртва на бај Столе не се сеќавам. Можеби некого и ќе пропуштам. Еднаш на еден прием (по повод еден важен јубилеј на Технолошкиот факултет) на врв јазик ми беше да му кажам на г. Ристо Гуштеров (покровител на јубилејот): “Знаете, малу ми е страв за вашите пари и за вашата политичка иднина. Никој што се здружил со Столе Андов, не поминал без штета!” Арно ама, јас тогаш не го познава г. Гуштеров, а немаше кој да н$ запознае, па така ова што сакав да му го кажам, му го кажав многу, многу подоцна, кога и самиот се запиша во списокот на жртвите на бај Столе.
И сега гледам на ТВ, читам по весниците, премиерот се колне во својот стратешки партнер - г. Столе Андов лично (!?). Јак стратешки партнер, нема што. Како никој ништо не научи од она што се случуваше на јавната сцена со овој човек и околу овој човек?
Инаку, јас длабоко се сомневам дека актуелната власт на младиот војвода ќе ги преживее изборите на есен: ни Љубчо не ме послуша (зашто имам впечаток дека ме чита), па, не водејќи сметка за емпириски проверениот факт дека бај Столе е жив зијан за секој свој партнер, го избра токму него за предизборна коалиција. Во секој случај, човекот барем ќе има повеќе од уверливо оправдување зошто ги загубил изборите: Андов и ништо не е можно!
Ѓорѓи Марјановиќ

No comments:

Post a Comment